Збунката со ваквата подвоеност почнува уште со мотото на филмот, за кого знаете дека е со Бен Стилер и со Наоми Ватс, и дека е класифициран како комедија. Така опуштени, по ментални боксерици, на најавната шпица ве начекува цитат од - Ибзен. „Дали младата генерација е нешто од што треба да се плашиме?", прашува лик од неговата драма „Мајсторот градител", на што Мајсторот одговара: „Секако. Токму затоа се заклучив и се засолнав тука. Ти велам дека младата генерација ќе дојде еден ден и силно ќе затропа на мојата врата! Тие ќе ме уништат!". „Тогаш треба да им отвориш". „Да им отворам?".
Џош и Корнелија се њујорчани во нивните четириесети, немаат деца и наводно уживаат во таа слобода, иако не е баш дека прават нешто со неа. Џош веќе осум години се обидува да сними некаков комплициран документарец за врската помеѓу расата, класата, моќта и војната („генерално, за Америка"), и тврдоглаво одбива совети и помош, дури (или особено) кога доаѓаат од таткото на Корнелија, бард на полето на документаристиката. Но додека тој пружа активен отпор на тоа да потпадне под влијание на постарата генерација, во еден момент, без ронка критичност, се подава на помладата. 25-годишниот Џејми и неговата жена Дарби успеваат да го заведат кога дојдени на негово предавање почнуваат да му ласкаат за негов претходен опскурен филм, кого се помачиле да го купат на eBay.
Од тој момент Џош и жена му не само што почнуваат да се дружат со нив, туку и да ги имитираат, обидувајќи се од средовечни дртала преку ноќ да се претворат во хипстерчиња со а-ла-том-вејтс шешир, несмасно скокајќи на часови хип-хоп, шантраво возејќи ролерки и експериментирајќи со дроги (спојлер: бројни сцени со повраќање). Во добро монтирана сцена се разоткрива целата иронија на „генерацискиот јаз" - оние кои стереотипно, заради годините, би требало да бидат конзервативни, по цел ден се опкружени со најнова технологија, зјапаат во екрани и си слушаат музика сам по сам, а помладиве, залегнати во ретро мебел од седумдесетите гледаат филмови на ВХС, слушаат винили и играат „Не лути се човече".
Но вистинскиот јаз помеѓу нив допрва се разоткрива, и тој не е толку од естетска, туку од етичка природа. Додека Џош, со години, доследно и речиси маченички се обидува да создаде дело кое зборува за Вистина, Џејми, кој ете така „случајно" исто така се занимава со режија, прави фејк документарец за средба со пријател од детството, кој во меѓувреме војувал во Авганистан. Притоа тој го злоупотребува Џош на сите можни начини, крадејќи му идеи, па дури и гребејќи се за поддршка кај неговиот славен дедо.
На крај излегува дека целото нивно пријателство било фарса, а дека заложбата за некаков интегритет на Џош е губитничка стратегија. Последните сцени на судир помеѓу двата лика штрчат по својата тежина и како да се од некој друг филм, а со оглед на мизансценот (празна сала, двајца свртени еден кон друг како во двобој, иако без оружје), и од некаква театарска претстава. Додека Џош се обидува да го брани она што останало од неговиот морален идеализам, Џејми не само што не се повлекува, туку тајно го снима и целиот разговор (за можеби да го употреби во некој иден филм). Катарза практично и нема, освен што останува горчливиот вкус, дека младоста, дури и кога нема да ѝ ја отвориш вратата, самата ќе си влезе, и ќе си го заземе местото кое биолошки и социолошки ѝ припаѓа. Режисерот Ноа Баумбах, кој има 45 години, низ двата лика можеби се подготвува себеси за ваквата вистина.