Винс е алкос кој живее сам, спие со од него бремена проститутка (Наоми Вотс), се коцка и нема пријатели, освен еден дебел бел мачор, кого го храни подобро од себеси. Сè до моментот кога до него не се пресели Оливер, дете кое живее со мајка си, која често знае да заглави на работа. Откако тој еднаш случајно останува неколку часа кај Винс чекајќи ја, таа (ја игра Мелиса МекКарти) се договара со Винс да биде бејбиситер, и да го причувува син ѝ после школо, нормално за одреден надомест.
Но Винс прави и нешто повеќе отколку само да го чува Оливер. Го носи на трки со коњи, го сместува до него додека дреме на шанк, и го запознава со својата бремена пријателка. И што е најважно, го учи како да им се спротивстави на оние кои го малтретираат на школо. Оливер пак успева полека да го запознае човекот кој не дозволува никој да му се приближи - дознава дека Винс има сенилна жена сместена во дом кој едвај може да го плати, а од фотографиите и исечоците од весници кои ги спасува, откако во напад на бес Винс ги фрла во ѓубре, дознава дека овој бил офицер во Виетнам, одликуван со орден за спасување на двајца ранети војници. И кога Винс добива мозочен удар и мора долго да се опоравува, Оливер и неговата мајка се покрај него.
На крајот од филмот, за школски проект за кој децата треба да претстават „светец" од реалниот живот и да му доделат награда за неговите добри дела, Оливер го бира Винсент, кој со солзи во очите ја следи приредбата, конечно покажувајќи ја неговата мека и добра страна, во која ни за момент не се сомневавме уште од првата сцена. Можеби е нешто до неговата фаца, но на Мареј едноставно не можеш да му земеш за зло.
Пред тој да ја добие улогата, таа му била понудена на Џек Николсон. И тоа можело да излезе фино, но Николсон има нешто демонско кое е потешко за сузбивање и претворање во „слатко", па линијата на изнасиленото и патетичното можела полесно да се премине. Вака сите ликови, со сите нивни стереотипни карактеристики (проститутката мораше да биде Русинка, а Вотс да зборува со некој чуден акцент, за кој биле потребни дури двајца „јазични тренери" наведени на шпицата) си се убедливи, токму такви какви што се.
И кога на крај Мареј си ја м'мка Shelter from the Storm на Дилан, додека оди шпицата, вам ви иде да го гушнете, и да му бидете бејби ситер.