Библиската приказна за Јов, кој не му го врти грбот на Бога дури ни кога овој го остава без семејство и без имот, е честа основа за филмски дела, а последно на неа се потсетивме кога пишувавме за рускиот „Левијатан". Но вакво нејзино филмско толкување, кое комбинира тарантиновско крвави сцени со апсурден, монтипајтоновски хумор и филозофска задлабоченост, не само што до сега немавме видено, туку веројатно и нема.
Нео-нацистот Адам добива условен отпуст од затвор за да се пријави на рехабилитација, во манастир каде веќе престојуваат Арап-крадец по бензински пумпи и силувач-клептоман. За нивното враќање на вистинскиот пат се грижи свештеникот Иван (презгодниот Мадс Микелсен), за кого набргу дознаваме дека минал низ страшни животни премрежја - мајка му починала при неговото раѓање, татко му ги силувал него и сестра му како мали, а жена му се убила затоа што синот им се родил со церебрална парализа. Но ништо од сето ова не е видливо на Иван, кој безрезервно верува во добрината на човекот, чија единствена задача е да си постави некаква корисна цел кон којашто ќе се стреми, и која ќе го варди од зло. Кога при првата средба Адам треба да одбере која ќе биде неговата цел од престојот во манастирот, овој од ракав треска дека тоа е да испече пита, со јаболките кои растат во дворот. „Одлична идеја", вели Иван, задолжувајќи го Адам со чување на дрвото додека јаболката не созреат.
Од тука натаму јаболкницата станува симбол на цинизмот и отсуството на верба на Адам - најпрвин неа ја напаѓаат гаврани кои масовно ги глодаат јаболката, а потоа на сцената настапуваат црви. Но и покрај ваквите предупредувања, тој активно се обидува да му ги сруши илузиите за божјото присуство и праведноста на неговиот старател, удирајќи таму кадешто е емоционално најкревок. Иван глуми дека неговите штитеници се преобратени, дека неговиот син е здрав и покрај тоа што тој е во количка, а исто така премолчува дека и самиот е терминално болен, со тумор во мозокот голем колку тупаница. Соочувајќи го со вистината, но не за да му помогне, туку за конечно да го скрши, Адам ја користи приказната за Јов, која ја чита откако Светото писмо неколку пати му се отвара на истото место, за да му ја разниша верата на Иван. Не го искушува Сатаната, му вели тој, туку Бог си подигрува со него, малтретирајќи го на секој чекор. После неколку вакви епизоди Иван запаѓа во летаргија, а победата на Адам и неговата теорија за надмоќноста на злото изгледа конечна.
Но во меѓувреме во манастирот упаѓаат нео-нацисти, кои се скептични околу тоа како се одвива рехабилитацијата на нивниот „колега", кој според нив во меѓувреме некако омекнал. Кога тие сакаат да го убијат „паки-то" (Арапот), се случува хаос во кој куршум минува низ главата на Иван. Иако докторот му дава 24 часа живот, тој за чудо се крева на нозе - муницијата го разнела туморот. Адам веќе нема избор и мора да го прифати светогледот според кој Бог е сепак праведен кон верните. Со едно единствено полускапано јаболко кое остана спасено по сите перипетии, низ кои меѓу другото изгоре и целата јаболкница, тој пече питиче кое го дели со Иван.
Филмот е всушност прекрасно славење на апсурдноста, иронијата и парадоксите на постоењето - дури и кога мислиме дека ги потрошила своите џокери, и дека колку-толку ја имаме во свои раце, судбината знае повторно да нè начека неподготвени за нејзините удари. Она што го прави привлечен е што филмот во ниту еден момент нема форма на проповед. „Дијалектичкото единство" на доброто и злото се во основа на светот, вели тој, но кога првото толку очигледно се манифестира глупо е да го одрекуваш, туку треба активно да го поддржиш во неговиот напор да завладее, макар за момент, макар правејќи мала разлика во светот кој е генерално мрачен и зол. Она што во него можеш да се надеваш е дека ќе ти останат барем неколку јаболка, за да испечеш пита за тебе, и за твоите блиски.
Извадок од филмот: