Филмот почнува во 4 и пол наутро, на техно журка во берлински клуб, во моментот кога Викторија од Шпанија, на привремена работа во Берлин, се спрема да си оди, сама, како што е и дојдена. Налетува на неколку момци, кои и покрај контекстот (рано наутро, полупијани, едниот со избричана глава) и чудните имиња (Сонце, Боксер, Жмигавец, Стапало) не делуваат агресивно. Најмногу ѝ се сука симпатичниот Зоне, кој во моментот кога изгледа дека фино поминатата ноќ ќе премине во сосема рутинско утро, ја испраќа до кафичот којшто таа треба да го отвори за да ѝ почне смената.
Во нешто што изгледа како бесконечно долг флерт („аман, бацете се више!"), таа заборава да му направи какао, но затоа на пијаното во кафаната маестрално му отсвирува еден од четирите „Мефисто" валцери на Франц Лист. Пред да дојде во Германија студирала музика, сè додека нејзините професори не ѝ рекле дека не е доволно добра за да стане вистинска концертна пијанистка.
Од овој момент филмот се прекршува, и од нешто што личи на романтичниот „Пред зајдисонце" со Итан Хок и Жули Делпи преминува во нешто послично на „Идиотска ноќ" на Џармуш. Тој избричаниот од групата излегува дека е бивш затвореник кој должи услуга на некој од неговите заштитници во затворот. Бидејќи за задачата, за која во моментот никој ништо не знае, се потребни четворица, а едниот од присутните е дамла пијан и неупотреблив, Викторија е замолена да го вози украденото ауто до местото за средба. Кул како и до тогаш, и со очигледна желба да биде дел од друштвото (што заради новонајдената љубов, што од генерална осаменост) таа прифаќа. Така, сите влегуваат во приказна којашто почнува да се тркала како лавина, проголтувајќи ги полека сите што се во неа.
Планот којшто им се соопштува во подземна гаража полна со батки со тешко вооружување е да се ограби сеф во банка, вкупна сума од 50,000 евра, од кои 10 илјади би биле за „заштитникот", а останатите за друштвото. Викторија не се откажува од тоа да учествува и во оваа акција. Четворицата ја ограбуваат банката, го оставаат возилото, и додека уште ги дрма адреналинот се враќаат во истата дискотека од кадешто и тргнаа.
(Во овој момент помислувате на сиротиот снимател, којшто очигледно не ја има испуштено од рака камерата, а веќе е скоро седум. Не е ни чудо што на одјавната шпица неговото име е прво, а не, согласно стандардите, она на режисерот.)
Но германска полиција не е шала, а и будаливе ѝ ја олеснија работата со тоа што го оставија пијаниот во колата. Прескокнувајќи го најјакиот момент во филмот, а сè со цел „да не откриваме премногу", доволно е да ја заокружиме оваа и-не-така-кратка-содржина со пребројување на мртвите. Единствена преживеана на крај е Викторија (Победа, ви текнува?) која со горчливи 50,000 евра во ќесичка ко од аптека се оддалечува во утрото, коешто за жителите на Берлин допрва започнува.
Мудрувањата на критичарите во однос на филмов главно се сведуваат на една работа - дали формата (фактот што филмот е снимен без монтажа) ја „јаде" неговата содржината, која наводно трпи заради непотребните егзибиции на режисерот. Повеќето викаат „да". Ние - не.
Иако стварно е ризично да се обидеш да правиш ваков филм по „Јаже" на Хичкок или „Руска арка" на Сокуров („Човек-птица" не го броиме, затоа што е со 'иле'), во случајов сцените кои траат 25 а можеле да траат 10 минути веројатно најмногу им пречат на навикнатите на брзите холивудски монтажи, што прави овие да им изгледаат непотребно развлечени. Тие радо би го баталиле снимањето наеднаш, истовремено жртвувајќи ја реалната временска димензија на дејството во корист на негово забрзување.
Но забрзување во име на што? За побрзо да видиме кој ќе умре, а кој ќе ги лапне парите? Кога Викторија во последната сцена заминува по сè уште празната улица вие можеби веќе сте заборавиле дека филмот е сниман во реално време. Но кога целата работа ќе ви слегне, сфаќате дека сета таа човечка драма се одвивала во период од денот кога вие, како и поголемиот дел од „пристојниот свет", спие, се протегнува и полека се влечка до купатилото за да измие заби. Е, во тие реални три часа некој може од техно журка да продолжи да пие пиво на нечиј покрив, да се заљуби, да ограби банка, да го брка полиција, да биде ранет и, додека камионите уште не почнале да разнесуваат леб низ градот, да умре. А некој може, ако го бива, дури и да сними филм за тоа.
Режија: Себастијан Шипер
Улоги: Лаја Коста, Фредерик Лау, Франц Роговски
Камера: Стурла Банд Гровлен
* текстов е пишуван повеќе од три часа, ама не наеднаш