И тоа отприлика беше единствената црнохуморна забелешка во двата часа од траењето на филмот, кој со оглед на жанрот - биографија за тешко болен гениј, кој е сè уште жив, веројатно и не можеше да си дозволи да биде индискретен или контроверзен.
„Тактичен" е всушност најчестиот збор кој се спомнува во критиките кои се однесуваат на него, што во превод значи дека тој е прилично конвенционален. Тоа е по малку чудно, со оглед на тоа што неговиот режисер, Џејмс Марш, кој доби Оскар за „Човек на жица" (за кого пишувавме тука), во него се послужи со толку креативни режисерски решенија, што направи цел документарен филм од одењето на Филип Петит по жица помеѓу кулите на Светскиот трговски центар, без да ни прикаже реална видео снимка од истото.
Не дека филмот не е добар, или дека актерите не даваат сè од себе, особено Еди Редмејн, кој брилијантно го доловува физичкото опаѓање на Хокинг, од првите симптоми кои се наговестуваат уште на почетокот на филмот, до целосната врзаност за количката. Имало и денови од снимањето кога тој наутро требало да го глуми здравиот млад Хокинг, а попладнето во разболената фаза. Но за некој соочен со извесноста за сопствената брза смрт (првата прогноза била дека ќе живее само две, а еве уште е жив и по педесет), Хокинг е прикажан како..хм..стоик, кој од една страна не сака никому да му биде товар, а од друга, со години не прифаќа неговата жена да земе негувателка, и покрај тоа што имаат дури три деца.
Таа пак, неговата прва сопруга Џејн Хокинг (ja игра Фелисити Џоунс), е опишана како светица, која не само што неуморно се грижи за него на сметка на сопствената академска кариера, туку не потклекнува и на искушението да биде со друг, здрав-прав, и за разлика од Хокинг, религиозен маж каква што е и таа, дури ни кога запознава еден таков. Диригент на црковниот хор, него прв пат го среќаваме во сцена во која Џејн после долго време одлучува повторно да почне да пее, колку да излезе од дома. И додека вие веднаш би му се подале на Џонатан, неодолив со детската насмевка и тоа очињата, Џејн издржува речиси до крајот на филмот, кога (колку иронично) Хокинг всушност неа ја откачува, заменувајќи ја со - неговата болничарка, која агресивно го заведува уште од првата средба!
Ваквите чудни моменти стануваат малку појасни кога човек ќе дознае дека филмот е всушност правен по книгата на истата таа Џејн Хокинг, „Патување кон бесконечноста". Можеби таа сакала да ги прескокне најболните моменти од нејзиниот и од психичкиот живот на нејзиниот маж, и да го прикаже своето семејство како отпорно на типичните човечки слабости, од љубомора до гнев кон судбината. Иако филмот завршува со гордиот поглед на Хокинг кон неговите деца, како негова ултимативна исполнетост, во ниту еден момент во филмот тој аспект на неговиот живот не е чепнат, како нив да ги донел штркот.
Тоа што човек кој страда од таква страшна болест како што е амиотрофичната латерална склероза успеал да ги надживее сите прогнози, и да ги искомуницира своите брилијантни идеи на светот и покрај тоа што не може да зборува, е сигурно утешно за секого кој боледува од слична тешка болест. Во таквата хумана порака е и основната вредност на филмот, кој така станува нешто повеќе од само биографија на еден познат космолог. Она што останува пак како горчливо сознание е таа сурова одделеност на генијалниот ум од телото, кое се распаѓа вон контролата на интелектот. Во нешто што изгледа како цитат од нам омилената сцена во „Внатрешно море", во која Хавиер Бардем во лик на параплегичар замислува дека станува од кревет и лета, Хокинг при еден јавен настап, гледајќи како на една девојка во првиот ред ѝ паѓа пенкалото, замислува дека станува и ѝ го подава. Човекот кој во мислите „шета" низ црни јами и кој е способен да размислува за најсложени теориски концепти како природата на времето, не може да крене едно обично пенкало. Дали, кога би можел, би ја трампал неговата замислена „теорија за сè'" за само eдно возење точак?