Неговиот потфат некои го нарекуваат „уметничко злосторство на векот", иако Петит никого не довел во опасност, освен самиот себеси. Други пак, како Пол Остер, велат дека тоа е „човекот кој му подари чудесна, неизбришлива убавина на Њујорк", додавајќи дека 24-годишниот Французин за Светскиот трговски центар во 1974 го направил она што Кинг Конг го сторил за Емпајр Стејт Билдинг во 1933. Но обидoт да се постави кабел од 200 кила помеѓу покривите на два силно обезбедувани објекти, на повеќе од 400 метри височина, и да се оди по тој кабел без никакво обезбедување цели 45 минути од чист ќеф, подобро се опишува со еден друг збор: лудост.
Петит како мал бил бркан од пет различни училишта, но на 16 години веќе бил вешт во повеќе циркуски вештини, па дури и во борба со бикови. Желба да се прошета на жица помеѓу кулите-близначки добил на 17, откако ги видел нацртите за амбициозниот проект за високите згради во САД во некое списание додека чекал на забар. Го скинал листот, и следните шест години ги посветил на проучување на најситните детали во врска со кулите и нивната конструкција, како и на одење по жица на други локации (Нотр Дам во Париз, мостот во Сиднеј), како подготовка за големиот „удар". Неколку пати патувал за Њујорк и наоѓал начини да се вовлече во зградите, за да ги одреди најдобрите точки за прицврстување на жицата, да смисли начин како таа би била префрлена преку јазот помеѓу зградите од 61 метар, да ги испита ефектите на ветерот, како и да смисли како би ја протнал сета таа опрема без да биде забележан од обезбедувањето.
Сите овие перипетии се претставени во британскиот документарец од 2008 „Човекот на жица", кој освен што доби бројни награди по различни фестивали беше номиниран и за Оскар. Во него ги запознаваме и шесторицата членови на неговиот тим, како и сите оние кои на некој начин помогнале во потфатот, вклучително и вработени во зградите, кои ги отстапиле нивните картички за идентификација за Петит да направи лажни за него и неговите соработници.
По долги подготовки, тие вечерта на 6ти август успеваат да влезат во две групи во зградите, да стигнат до 104-тиот спрат, на само деветнаесет скалила под покривот и да го префрлат кабелот со лак и стрела. Откако целата ноќ ја поставуваат конструкцијата, во седум наутро на седми август Петит застанува на жицата и почнува да ја минува, најпрвин внимателно, а потоа сè поопуштено, дури и танцувајќи, лежејќи на неа и поклонувајќи ѝ се на публиката.
На освен набљудувачи наскоро се појавила и полицијата, која му се заканила дека ако не престане ќе го собере со хелихоптер. Сепак, по завршувањето на точката, заради големиот притисок на јавноста која му изразила поддршка, тој не бил ниту протеран, ниту казнет, туку само бил обврзан да изведе претстава за деца во Централ парк. Следувале сликовници, книги, филмови и соработки инспирирани од премостувањето на кулите-близначки, чие уништување во настаните на 11. септември Петит го доживеал многу емотивно. Од 1980 тој е резидентен уметник во катедралата Св. Јован на Менхетен, а меѓу неговите обожаватели и пријатели се вбројуваат Ал Пачино, Вернер Херцог и Стинг.
Ако сакате барем делумно да го доживеете чувството на одење по жица на таква висина, по повод 40-те години од ова легендарното на Петит сега е изработена и апликација за Ајфон и Ајпад, која можете да ја симнете тука. Главен совет е - не гледајте долу, туку само напред. Добар совет и за животот, во ситуации кога одите по тенка жица. Тогаш е фино човек да се сети на Петит, и на неговиот танц над амбисот.
Трејлер за документарецот