Букбокс гледаше

„Шнајдер наспроти Бакс" (2015)

Откачен филм на холандскиот режисер Алекс ван Вармердам, кој е нешто помеѓу комедија, трилер и, на моменти, хорор. Истовремено, тој е и остра критика на нашата неспособност да препознаеме насилство, дури и кога ни се одвива пред очи. 

На почетокот работата делува јасно - професионален убиец по име Шнајдер, на денот на неговиот роденден, веднаш откако двете ќеркички го будат со честитки а жена му се фаќа за работа да ја спреми вечерата за гостите, добива задача да убие писател, кој живее осамено во дрвена куќичка покрај езеро. Единствен проблем му е тајмингот - „Мора ли баш денес?", го прашува тој нарачателот. „Мора. Знаеш, Рамон Бакс е убиец на деца", му возвраќа овој со аргумент кој не дозволува понатамошно мрчење.

Работата е што писателот е исто така платен убиец, кому точно истиот шеф му има кажано за посетата на Шнајдер, со наредба - овој да го убие. „Зошто е тоа потребно?" - прашува Бакс. „Шнајдер е убиец на деца" - кратко одговара шефот.

И на вториов денот не му е лесен - рано наутро тој мора да си ја избрка љубовницата затоа што на посета доаѓа неговата психички лабилна ќерка. Подоцна упаѓа и неговиот татко, со млада придружничка. Работата толку се комплицира што веќе по половина час веќе не се знае кој е во езерската куќичка, а кој набљудува скриен во трската, кој бега а кој кого брка низ мочуриштето, кој кому забива нож во стомак а кој откинува палец со прецизно нишанење со пиштол, кој е на дроги а кој природно луд. Врв - ама врв! - во целата мешаница е кога одеднаш Бакс (кој го игра самиот режисер) гледа (или „гледа") како во неговата соба влегува слепо дете, пие вода од чешма, и излегува.

Билансот на мртви на крајот е импресивен, но тоа и не е најинтересното во филмот. Тој си игра со стереотипите на „совршено" семејство и „нормалните" професии, како и со нашите очекувања за тоа како естетски треба да изгледа филм со убиства за да биде убедлив - со мрачни тонови, снимен ноќе. „Шнајдер наспроти Бакс" е целиот снимен дење, а просториите и пејсажите се полни светлина, тотално во контраст со она што се случува. Ќерките и жена му на Шнајдер се облечени во бело, нивната куќа е натопена во блага измаглица како во реклама за животно осигурување, и во неа владее бескрајно трпение и среќа, со еден мал детал - што таткото е сериски убиец. Истиот контраст е мирната куќичка на езеро, каде „твори“ писател со подеднакво мрачни тајни. Лесно е да се помисли дека Вармердам имал и малку поинаква амбиција отколку да направи филм на неочекувани пресврти и убиства, а тоа е, слично како браќата Коен со коишто го споредуваат, да се потсмева и да го критикува општественото лицемерие, и да укаже на насилството кое често ни се одвива пред очите, а кое не го гледаме затоа што сме заслепени од „белината" и лажната чистота на формите.

1 декември 2015 - 14:48