„Системот на д-р Тар и професорот Федер" е кратка приказна на Едгар Алан По од 1845. Таа следи неименуван наратор кој посетува лудница во јужна Франција, во која се тестира револуционерен метод на лечење, наречен „систем на успокојување", воведен од извесен месје Мајар, а кој се базира на голема слобода на пациентите - доколку некој од нив смета дека е коњ, на пример, него не го лечат од оваа илузија, туку напротив, му обезбедуваат дневна доза сено и го тимарат. Но наскоро посетителот сфаќа дека во лудницата се случува нешто чудно - вистинските доктори се затворени во подрумот и мачени со мачкање со катран и пердуви (оттаму кодот од насловот, Тarr&Fether), oд страна на лудаците кои ја имаат преземено власта во институцијата. Иако на почетокот тоа не е очигледно, посетителот наскоро сфаќа кој е кој, и помага во враќањето на претходниот поредок.
Во времето кога бил напишан расказот, грижата за ментално болните претставувала значајно политичко прашање во САД - од една страна условите за лечење биле на најниско можно ниво, но од друга страна повикувањето на лудило им помагало на криминалците да одбегнат казна за тешки дела. По со мрачен хумор и не без иронија им ги заменува местата на „лудите" и „нормалните", за момент замаглувајќи ја границата помеѓу овие две човечки, но и општествени состојби.
Расказот и до сега е адаптиран во филмови, опери, музика и театарски претстави, а последната адаптација е истоимен филм од 2014 во режија на Бред Андерсон, со јака актерска екипа, меѓу кои Мајкл Кејн и Бен Кингсли. И покрај одлично одиграните улоги, особено на посетителот, кој (ќе ве поштедиме од спојлери) на крајот го претставува најинтересниот „твист" во приказната, нам ни фалеше уште малку убедливост и неизвесност, некаква психоделија во фотографијата или барем во музиката која ќе го отргнеше вниманието од централната љубовна приказна и ќе го свртеше кон вистинското прашање на филмот - кој е тука луд?
Вака, целата потенцијална филозофска дискусија, за природата на тн. душевни пореметувања, улогата на психијатријата во нормирањето на нормалноста, но и можната злоупотреба на нејзината моќ во дисциплинирањето на поинаквите и/или опасните (со нивна изолација или со кршење на нивната личност), и лудилото како хронична состојба на општеството се жртвуваат во име на обидот на младиот доктор Њугејт да ја извлече од лудницата убавата Елиза Грејвс, која е дијагностицирана со хистерија. Оттаму, оние со пософистицирани филмски очекувања, наместо да го гледаат филмов, изгледа е подобро да го (пре)прочитаат По, во комбинација со Фуко.