Aлис Хауленд е професорка по лингвистика на Универзитетот Колумбија, која се соочува со почетна фаза на Алцхајмер. Симптомите се насетуваат уште од првите сцени, во кои Алис сè уште зрачи со самодоверба и контрола. Но набргу токму зборовите - она со што се занимава целиот живот - почнуваат да ја напуштаат. Таа не може да се сети на имињата на предметите, се губи во инаку познатиот простор и не може да води сметка за обврските. Нејзиното семејство, сопругот (Алек Болдвин) и трите возрасни деца ѝ даваат огромна поддршка, иако и самите се извадени од памет бидејќи ваквиот тип на Алцхајмер, со којшто таа после некое време е дијагностицирана, е фамилијарен, односно можат да ја наследат и тие, и нивните идни деца.
Целиот филм е всушност опис на брзото опаѓање на интелектуалните способности на жена чијашто најсилна страна бил токму интелектот. Но со моќта на расудување полека почнуваат да исчезнуваат и спомените, драгите ликови и настани, она од што е изграден сечиј, па и нејзиниот идентитет. Подготвувајќи се за најлошото, додека е уште способна, Алис во компјутерот си остава видео порака, со упатство како да изврши самоубиство доколку дојде во ситуација да не може да одговори на најосновите прашања - имињата на нејзините деца, адресата и роденденот.
„Отвори ја фиоката под сината лампа", вели таа, „и ќе најдеш шишенце со таблети. Многу е важно да ги испиеш сите. А потоа легни си и спиј".
Но она што „здравата" Алис не го предвидува е дека за „другата" Алис да ја отвори оваа порака и за да ги следи упатствата неа би ѝ бил потребен напор - таа (другата) сосема случајно ја наоѓа, и по сто пати ја преслушува за да може да запамти што треба да направи. Само што решава да ги испие апчињата за спиење, некој влегува во куќата, таа ги испушта од рака, и веднаш заборава што ѝ била намерата.
Дали доколку успееше во неа оној што ќе умреше ќе беше Алис, или некоја друга личност? Каде е границата после која „ние" сме некој друг? Филмот, правен според истоимена книга на Лиза Џенова, ги поставува вистинските прашања, иако без Џулијан Мур во главната улога (за која патем е номинирана за Оскар) тешко дека би бил толку трогателен. Особено неубедлив ни се виде Болдвин во улогата на нејзиниот маж - можеби е до неговата фаца на заводник, па секој обид да изгледа сочувствително делува некако лажно. Или пак можеби е до споредбата со други, многу подобри филмови на слична тема, како „Љубов" на Ханеке, кој поставува превисок стандард за филмско третирање на односот маж-болна сопруга.
Но има и нешто друго што е многу интересно во врска со овој филм - Ричард Глацер, кој заедно со неговиот партнер Вош Вестерморленд се потписници и на сценариото и на режијата, кратко време пред да почнат со проектот бил дијагностициран со ALS (амиотрофна латерална склероза), истата од која боледува и Стивен Хокинг. Иако биле на граница да се откажат, Глацер одлучил да комуницира при снимањето со куцање на ајпад со палец од десната нога. И се обидувал да доаѓа на снимањето секојдневно. Сега, охрабрен од успехот на овој филм, се надева дека ќе биде во состојба да направи уште еден.