„Да бил Скорсезе роден во сив фабрички град во Англија наместо во Њујорк, сигурно ќе снимел нешто како Пики Блајндерс", се вели во описот на серијата, од која до сега на Би-би-си се прикажани две сезони со вкупно 12 епизоди. Нејзиниот креатор, Стивен Најт, вели дека таа е инспирирана од американските вестерни, но и од храброста да се митологизира колективното минато, макар тоа било обележано со измами, насилство и тежок криминал. Додади на тоа чудни фризури, кул ганстерска костимографија, семејни односи чија сложеност надминува античка драма, сцени кои дури и кога се снимани надвор имаат некаков чуден, „сфумато" тон, и - последно, а можеби најважно - љубовна приказна чија тензија можете да ја сечете со жилет, и ќе добиете одлична историска серија. Ако таа уште вклучува и музика од Ник Кејв, Том Вејтс, Вајт Страјпс и Пи Џеј Харви, тогаш чувството е комплетно.
Пики Блајндерс била реална криминална банда од Бирмингем, од крајот на 19 и почетокот на 20 век, којашто се смета за една од најраните улични субкултури во Европа. Името на бандата наводно потекнува од обичајот нејзините членови да си зашиваат жилети во качкетите, кои ги користеле како оружје за ослепување на противникот.
Приказните за овие банди се задржале во урбаниот фолклор на Бирмингем, со елементи на легенда и преувеличување, а обвиени во фабрички чад и прашина, токму какви што се раскажани и во серијата. Но и покрај тоа што се работи за историја, мрачната и психоделична современа музика според авторите е начин да се покаже дека истите работи кои ги доживуваат главните ликови се и денешни дилеми и емоции - тактика којашто дефинитивно функционира.
Во центарот на приказната, којашто се одвива во 1919, веднаш по Првата светска војна, е семејството Шелби, чии членови се водачи на Пики Блајндерс. Во текот на само три години колку што покрива серијата, тие успеваат да ја прошират нивната дејност северно и јужно од родниот град, занимавајќи се главно со коњски трки и криумчарење алкохол, притоа постепено минувајќи од банда во асли компанија.
Главна фаца во семејството е Томас Шелби, кој на прв поглед, таков слабичок и со постојано омлитавен став, не делува како ганстерски „кум". Но Силијан Марфи (Batman Begins, Inception), кој го игра Том, е неверојатно убедлив - неговиот поглед на човек кој веќе некаде умрел е неодолив, а неговите криминални стратегии, базирани на крајно доследна етика, се покажуваат како непобедливи. На моменти делува дека целата негова империја само што не колабирала - Пики Блајндерс имаат душмани и во родниот град, но нивниот број вртоглаво се зголемува кога тие навлегуваат на многу поопасната и разиграна лондонска сцена. Па сепак, семејството Шелби успева да се извлече и од најтешките заврзлами, кои влучуваат повеќекратни шпиони, членови на ИРА, комунисти, италијански мафиози, подмитени полицајци и политичари, меѓу кои и „главом и брадом" Винстон Черчил.
Меѓу спомнатите шпиони е и русокосата Грејс, која на почетокот тајно работи за полицијата, изигрувајќи шанкерка во Гарисон, пабот на Шелби. Нејзините чувства кон Том ќе станат основа за долготрајна одмазда на нејзиниот шеф, полицаецот Честер Кембл, чија брачна понуда таа ја одбива. Од тој момент повредениот Кембл не му дава мир на Томас, а уништувањето на неговиот бизнис и семејство му станува животна опсесија. Спојлер, иако се подразбира - нашиот победува.
Во серијата има уште куп живописни ликови - од доминантната тетка Поли која неверојатно потсетува на Мајда Тушар, преку „гребнатиот" брат на Томас, Артур (сцената во којашто тој неуспешно се обидува да се обеси со звуците на „Тајм" на Вејтс е антологиска), до разни проститутки и ситни измамници од улиците на Бирмингем. И иако критичарите велат дека дијалектот не им бил уверлив (веројатно ко скопјани кога би се обидувале да звучат струмички), специфичниот изговор уште долго ќе ви ѕвони во ушите. Заедно со Red Right Hand од шпицата, чиј наслов е од „Загубениот рај“ на Милтон.
Сите песни од саундтракот тука