Објавена во 1993 (шест години пред „Матрикс"), книгата на Лоури е опишана како мешавина на идеи позајмени од Хаксли, Орвел и Бредбери. Таа опишува една навидум беспрекорно организирана заедница, ослободена од конфликти преку хемиско потиснување на емоциите и забрана на сите средства кои би можеле да ги предизвикаат (од книги, бои, промени на климата, лаги, до секс). Од овие ригидни ограничувања е ослободен единствено „Носителот на меморијата" - човек кој е задолжен за чување на сето човечко искуство во „хард дискот" на неговиот ум.
Главниот лик во филмот, 25-годишниот Џонас (кој во книгата има само 12 години), на свечената годишна церемонија на којашто децата се иницираат или во повисока категорија на адолесценти или во возрасни со еднаш засекогаш утврдени обврски во заедницата, ја добива токму таа највисока задача - да биде следниот Чувар на меморијата. Но за да ја складира во себе, тој треба да ја прими од неговиот претходник, мудриот и уморен лик на „Давателот", којшто го игра Џеф Бриџис. Неговиот претходен неуспех, да создаде Чувар од неговата сопствена ќерка, го прави попретпазлив, па тој отпрвин суптилно му ги пренесува (телесно, преку допир, како низ некакво тактилно УСБ) само убавите спомени и одамна заборавени човечки концепти, од „снег" до „дом" (во нивниот свет наречен „живеалиште").
Но проблемот настанува кога Џонас мора да дознае што е тоа војна, омраза и убивање, и што е уште поважно, кога сфаќа дека постои нешто што се вика сочувство и љубов. Тоа е моментот кога тој веќе не може да прифати дека неговиот татко ладнокрвно ги убива понејаките бебиња во „расадникот" кадешто работи, и одлучува да спаси едно од нив, грабнувајќи го и бегајќи со него надвор од границите на територијата на „заедницата". Пробивајќи го „ѕидот" тој предизвикува дефект во системот, ја поништува бариерата помеѓу заштитеното „внатре" и опасното „надвор", па боите, спомените и чувствата, заедно со болестите, омразата и убивањата, повторно навлегуваат во неговиот свет. Подвигот на Џонас е претставен како херојски, иако ве остава да се прашувате - дали сега ќе им биде подобро?
Оние кои ја читале книгата, а таа е средношколска лектира во голем број училишта во САД, велат дека филмот изгледа речиси ко нејзина пародија, а дека работата би била уште полоша доколку во него не би играл Бриџис. Тој пак самиот изгледа се кае што по 20 години работа на проектот на крај воланот му го предал на продуцент кој бил позаинтересиран за филм со холивудски шмек, отколку за таков со филозофски дух и порака.
За тој да биде „посекси", сценаристите му додаваат години на главниот лик, и вметнуваат љубовна приказна, која само го одвлекува вниманието од основната поента, дека секое вештачко прекројување на човечката природа, одземањето на она што нè прави луѓе - културната меморија на нашите предци, нашата сетилност, чувствата кои можат да нè вивнат и во најголемите висини и да нè турнат во најдлабоките бездни - е всушност насилство, дури и кога се врши од навидум благородни мотиви. Мерил Стрип делува морничаво во нејзината улога на „главешина" (Chief Elder), а така делуваат и постојаните инсистирања на „прецизност на јазикот" кој не смее да содржи двосмисленост или недореченост, и говорните формули кои се изговараат роботски, без емотивно учество („извини" - „го прифаќам извинувањето"). Од другите улоги единствено интересно е кога ќе откриете дека духот на ќерката на Бриџис, бринетата Роузмери, всушност ја игра русокосата Тејлор Свифт.
Изгледа сепак е подобро да си ја прочитате книгата.
Трејлер за филмот
Интервју со Бриџис во коешто признава дека се заебал со филмот