Стив Тилстон е роден во Ливерпул, а пред да почне да се занимава со музика работел како графички дизајнер. По објавувањето на неговиот прв албум „Акустична збрка" во 1971, тогаш 21-годишниот музичар се соочил со неочекувана слава, епитети во стилот на „новиот Боб Дилан" и бројни настапи и интервјуа. Во едно од нив за музичкото списание Зигзаг новинарот го прашал дали доколку би станал славен и би стекнал неверојатно богатство тоа би му влијаело на музиката. „Да, веројатно би влијаело", одговорил Стив. И заборавил на тоа.
Но примерок од списанието дошло во рацете на Џон Ленон, кој можеби заради фактот што Стив бил исто така од Ливерпул се идентификувал со него. Му напишал писмо во кое му порачал да не се секира, бидејќи „тоа да си богат не ти го менува искуството и начинот на којшто мислиш". Потпишано со „Со љубов, Џон и Јоко", писмото содржело и телефон на кое Стив можел да се јави за подетален разговор.
За жал, писмото испратено до списанието никогаш не стигнало до оној на кого што му било наменето, туку најверојатно било украдено од некој од вработените, кој потоа го продал на колекционер. Така, цели 34 години Стив не знаел дека Ленон се заинтересирал за неговата кариера, а ја пропуштил и шансата лично да го запознае, што можеби сосема ќе му го променело животот.
Во 2005 колекционерот кој го поседувал писмото му се обратил за да ја потврди неговата автентичност. Дури тогаш Стив станал свесен дека тоа постои. „Беше огромен шок, се трогнав од тоа што Ленон би сакал да му пише на 21-годишен музичар кого не го познава. Толку им досадував на сите мои пријатели со приказната што почнаа да превртуваат со очи.". Но работата се променила кога тој му ја раскажал на еден новинар на весникот Телеграф, по што приказната се проширила како шумски пожар. Така таа стигнала до сценристот и продуцент Дан Фогелман, кој од него направил филм.
Тој пак почнува со забелешка дека е само делумно базиран на вистинската приказна. Со одлична актерска екипа, тоа е филм за поп ѕвездата Дени Колинс, кој на стари години се обидува да ја најде смислата на животот, откако со децении нема напишано ниту една нова песна, нема формирано семејство и, освен менаџерот, нема друг пријател. Директен повод за неговата катарзична епизода е токму задоцнетото писмо од Ленон, кое му го подарува менаџерот за роденден, откако го нашол кај некој колекционер.
Ал Пачино во улогата е генијален, прецизно скроен според честата изјава која за него ја слушаме во филмот, дека е „човек за подбив". Со разлетаните „џигерици", пресмешните одела и сребреното ланче во крст врз влакнестите гради (во кое си чува кока) Пачино сепак успева да нè освои со обидот, колку и да е наивен и на граница на патетика, да стане подобар човек.
Во тој обид авторите на филмот малку и претерале, доделувајќи му повеќе тешки задачи на Ал - да го најде синот кого не го видел со децении, да му помогне да го надмине ракот, да ѝ обезбеди соодветно школување на внуката на која ѝ треба посебна грижа, да се прикаже во најдобро светло кај бремената снаа, одново да почне да пишува песни и да продолжи со успешната кариера без никогаш повеќе да прави компромиси со својата уметност.
Колку и да навиваме за Дени, ова се покажува како премногу за неговите стари и изнемоштени плеќи, па тој на последниот тест паѓа - на камерниот концерт организиран во локална кафана присутните (главно негова генерација) си ги бараат старите-добри хитови на кои се навикнати, а не некои нови жалопојки во кои се спомнуваат исушени лисја и старост. По концертот, разочаран од самиот себе, Дени се „прај пепел" но сепак не ја пропушта следната сеанса во болница на неговиот син, на која докторот го известува дека го победил ракот. И сите среќно и весело си живееле.
Иако е, значи, малку пренатегнат, филмот е симпатичен, а особено заради една работа - одличниот спој на Ал Пачино со Анет Бенинг, која ја глуми менаџерката на хотелот Хилтон во Њу Џерси (патем, филмот е преполн со не-толку-скриени реклами, од хотелов, преку кисели води до играчки), кадешто тој престојува додека се обидува „да си го најде патот". Таа е бескомпромисната и непоткуплива совест на Дени, која не попушта дури и кога по стоти пат овој ја кани на вечера, која е и првата критичарка на неговите нови песни, но и на неговото враќање на стариот начин на живот. На крајот од филмот Дени ѝ го остава писмото од Ленон токму на неа.
Назад кон вистинската приказна, еве како (прекрасно) звучела музиката на Стив Тилстон, кој ниту изгледа како Ал Пачино, ниту пак ги има парите кои ги има ликот од филмот. Но неговата приказна е сепак убава - замислете по неколку децении да дознаете дека некој, некогаш ви испратил писмо, кое би можело да ви го смени животот на подобро. И дека не е доцна тоа да го стори и сега.
Трејлерот за филмот: