Додека политичарите и агилните социјално-мрежари (да, и ова стана релевантно занимање) да ги избистрат матните, ние да се обидеме на друг начин да ви ја приближиме културата на источните ни соседи, во случајов онаа филмската.
Во Букбокс често сме се обидувале да ја промовираме идејата за добрососедство (види: „Земјата каде не е да“), но не таква базирана на празни флоскули и дипломатски акробации, туку на запознавање на „другиот“ преку неговото книжевно, музичко и филмско творештво. Тоа секако е поврзано со историја и политика, но и со многу понормални и почовечки теми (знаете она - љубов, смрт, сиромаштија, пак љубов), кои можат потенцијално да сплотат не само вечно закарани комшии, туку и човештвото како такво.
И ако Грците ни се потешко достапни заради јазикот (сте научиле нешто повеќе од „гиро“ и „Икеа“ од вашите дваесет последни одења до Солун?), за Бугарите ова „оправдување“ не важи. Досега главно концентрирани на промовирање на нивните лингвистички бравурози (види на пример: Бугарски пцости и мајки-шајки), а инспирирани од неодамнешното читање на „Сестрите Палавееви“ на Попов која набргу ќе доживее и филмска верзија, одлучивме да ѕирнеме и во нивната кинематографија.
А таму има што да се види. Поупатените - кои студирале во Бугарија, имаат роднини таму или едноставно ги интересира бугарското - во еден здив можат да наведат и по педесетина филмови од постарата и од поновата тамошна продукција. Ова е оттаму само скромен обид за пополнување на дупката во знаењето, за некој кој од бугарски филмови до сега имаше гледано само два - „Мисија Лондон“ и „Слава“ (за вториот осврт тука).
„Стапки во песокот“ (2010, р. Ивајло Христов)
Слави е средовечен иселеник од Бугарија, кој после долги години се враќа во земјата. На аеродромот се запознава со млад цариник, на кого почнува да му ја раскажува својата животна приказна. Таа, неговата биографија, е тесно преплетена со политичката атмосфера во Бугарија за време на социјализмот, со репресијата и односот кон Запад. Сепак филмот е далеку од некакво мрачно портретирање на овој период и справување со демоните на минатото. Слави заминува од Бугарија пред сè заради љубовни маки, а патот го носи од Чешка и Австрија, до Америка. Иако по пат доживува уште една љубов (со Србинката Јоана која ја игра Лабина Митевска), тој сепак не може да ја заборави онаа првата, тинејџерската. Токму таа е и мотивот тој да се врати, дома, каде му е срцето.
Филмот, иако на моменти наивен и продукциски слаб, е сепак топол и гледлив, затоа што е правен според вистинска приказна, но особено заради главниот лик. Смотан, необразован и физички неугледен (особено неговата повозрасна верзија, со тоа лажните бркови), тој е сепак крајно истраен и приврзан на идејата за враќање. Слави е всушност бугарскиот емигрантски Одисеј, но таков кој е воден од мислата за некој голем идеолошки подвиг, туку просто од желбата да се остави трага. На песокот на времето, каде од ветрот и од водата тие брзо се бришат.
Love.net (2011, р. Илијан Џевелеков)
Mногу помодерен во пристапот (и со куп „продакт плејсмен“ моменти), Love.net како проект е замислен уште во 2004. Пред да се разработи сценариото, тимот ги контактирал сопствениците на најголемиот дејтинг портал во Бугарија, замолувајќи ги да ги анимираат своите корисници, на кои им било дадена шанса да ги споделат најинтересните приказни за нивните контакти преку сајтот. На тој начин се собрани точно 7.346 стории, од кои неколку се влезени во филмот.
Тој паралелно следи неколку ликови кои поради различни мотиви доаѓаат на Love.net - новинар кој тоа го прави заради истражувачка сторија заљубувајќи се во својата „информаторка“ (високо платена „придружба“), средовечен маж кој бара возбуда вон бракот, малолетно девојче кое кокетира онлајн затоа што тоа е „ин“ и, независно, нејзината разведена мајка во потрага по асален партнер. Иако делуваат како архетипи на интернет корисници од која и да е средина, па оттаму и не е битно дали филмот е бугарски или можеби шпански, има нешто во атмосферата (или во преписката помеѓу ликовите на кирилица) што го прави лесен за идентификување за секој македонски корисник на Тиндер. Додуша, изборот на приказни е сепак безбеден - нема бизарни сеанси со џуџиња или октоподи, никој не е убиен, а нема дури ни хомоеротика. Но тоа би очекувале да го снимат не Бугари, туку можеби некој малку поисточно од нив.
„Лекција“ (2014, р. Кристина Грозева, Петар Валчанов)
Најдобар помеѓу трите во овој избор, „Урок“ како што гласи неговото име во оригинал, е дело на истите режисери чиј филм победи на првото издание на фестивалот Киненова во Скопје (спомнатиот „Слава“). Всушност, за оној кој најпрвин го гледал вториов, станува јасно како почнала нивната фасцинација со „малите“ приказни на „малите“ луѓе, кои не по своја вина стануваат жртва на апсурдни премрежја.
Наде, која ја игра неверојатно талентираната Маргита Гошева (истата ја толкува и улогата на суровата бизнисменка во „Слава), е наставничка во основно која се опседнува со пронаоѓање на крадец помеѓу учениците. Но додека таа се занимава со таквиот ситен криминал, нејзиниот маж ги пие парите за исплаќање на хипотеката, а банката си доаѓа по своето - домот на семејството со малолетно дете, кое од други недвижнини располага само со расипан кампер.
Со студен израз на лицето којшто го задржува низ целиот филм, Наде минува низ серија стресови и понижувања за, како Мајкл Даглас во „Паѓање“ само во женска и балканска варијанта, да почне да се однесува тотално непредвидливо и несвојствено за неа. Откако лихварот ѝ се заканува дека ако до сабајлето не ги донесе парите ќе мора да дојде депилирана и во танга, таа од ова извлекува двојна, иако контрадикторна лекција - дека од една страна вистинските крадци се оние длабоко вградени во системот, но и дека детето од школските клупи можеби крадело не од аздис, туку од потреба.
Иако вистинската слава овој режисерски тандем го доживеа со „Слава“, ова е поминималистички, и оттаму поморничав филм, кој треба да се погледне.