Одејќи накај Кинотека на репризата на филмот со кој се отвори фестивалот, помислив на нешто необично - јас никогаш не сум гледала бугарски филм. Како низ магла ми е „Мисија Лондон“, кого можеби само сум го замислувала читајќи го романот на Алек Попов. И оние кои подоцна ги прашав можеа да се сетат само на некаква балканизирано холивудска серија која се давала на телевизија и, толку. Како е можно соседна земја која ни е блиска и по сензибилитет и по јазик да ни е толку кинематографски непозната сè уште ми е мистерија. Но сега барем можам да кажам дека сум гледала барем еден филм од неа. Еден одличен филм.
„Слава“, на Кристина Грозева и Петар Валчанов, како приказна и како атмосфера е толку препознатлив за нас уште од првите кадри, што не можете а да не помислите дека главниот лик, Цанко Петров, би можел да биде вработен не во бугарската, туку во македонската железница, а парите кои ги наоѓа среде пруга да се всушност расфрлани некаде пред Дељадровци. И исто како и Цанко, и неговото македонско алтер-его, да речеме Цане, би можел да дојде на таа бизарна идеја парите да ги предаде на полицијата. И тука да започнат неговите вистински маки.
Министерот за транспорт (инаку до гуша заглавен во финансиски малверзации), на предлог на ПР тимот на Министерството треба да го награди Цанко за неговото „херојство“. Мозокот зад целата акција е згодната и крајно прагматична Јулија Стајкова, симбол на корпоративна Бугарија, која и за најсомнителните зделки кои треба да го заштитат нејзиниот шеф зборува во деминутивчиња. На свеченоста по тој повод на Цанко му е одземен стариот часовник од руската марка „Слава“, за да му биде даден нов, но „кинески“, дигитален, кој е постојано напред. Да биде работата уште полоша, Јулија во целиот хаос го губи стариот часовник, обидувајќи се да подметне нов од истата марка. Но тој, новиот, нема на позадината изгравирано „На син ми Цанко“. Така почнува одисејата на д’ткавиот, чесен и трагичен лик, чии единствени животни преокупации од тој момент стануваат - кој ќе им даде вода на неговите зајаци и како да си го најде часовникот-подарок од татко му.
Така, времето станува централниот концепт околу кој се врти приказната, сфатено во физичка, идеолошка и емотивна смисла. Времето од кое потекнува Цанко е некое друго, кога се имаше доверба во институциите, а моралните постапки како враќањето најдени пари не се сметаа за херојски чин туку за нешто што се подразбира. Но тој за ова време, кое како брз вртлог граба сè во него, е ретрограден, демоде, не само вишок, туку и пречка. Неговото пелтечење е само уште една назнака во оваа смисла - никој нема трпение да го дослуша, никој нема време за туѓите проблеми и за вистината која тие можеби ни ја соопштуваат. Од друга страна, паралелната приказна во која Јулија се обидува да зачне ин витро, сакајќи да го надмудри сопствениот билошки часовник, повторно потсетува на минливоста. Сцената во која таа и нејзиниот маж се обидуваат да стават инекција - дневна доза хормонална терапија - криејќи се во сала за состаноци во Министерството зад знамето на ЕУ, е едноставно антологиска. Новата генерација Бугари (или поопшто-Балканци) вештачки зачнати под крилото на „западната“ наука, во брзање и без реална родителска желба и верба во иднината, е истовремено крајно смешна и крајно тажна.
Резултатот од целата одисеја по Цанко се насетува уште на самиот почеток - пред свеченоста на која му беше одземен часовникот нему мора да му бидат позајмени пантолани затоа што своите си ги полеа со млеко. Но по настанот, за да му бидат вратени неговите, очигледно повторно некаде зафрлени и заборавени, Цанко стрпливо но долго чека во ВЦ-то, само по гаќи. Оставен без семејното наследство и полугол, тој е оставен и без „слава“, без достоинство.
И тоа не е крај на понижувањата. Цанко е искористен и за дневно-политички цели гостувајќи во опозициски настроено „ток-шоу“, а потоа е претепан од колегите затоа што во емисијата обелодени организирани кражби на нафта од вработени во железницата за кои министерот знае, но ништо не презема. Сето ова не може а да не го смени како човек, кој дотогаш на сето она што му се случуваше реагираше стамено и понизно. Последната сцена во филмот е отворена за толкувања. Но таа остава можност улогите во меѓувреме да се промениле, иако тоа повторно ништо не разрешува - што вреди ако на Јулија конечно ѝ доаѓа паметот и се обидува да си ги измие гревовите кон Цанко, ако овој во меѓувреме станал насилник? Во оваа смисла филмот може да се толкува песимистички, но и како опомена, да се свестиме во име на новите генерации - ембрионите кои чекаат да дојдат на свет, некаде по ин-витро лабораториите на нашите клиники.
Туку, што ли стана со зајаците?
Филмовите на КинеНова може да ги погледнете уште денес и утре (сабота и недела)