Грифин Дан, актерот кого го паметиме по антологиската улога во After Hours (Идиотска ноќ) на Скорсезе, режисер на неколку романтични комедии меѓу кои „Зависни од љубов“ со Мег Рајан и Метју Бродерик и „Практична магија“ со Сандра Булок и Никол Кидман, пред некое време започна кампања на Кикстартер за снимање документарец за неговата тетка, Џоан Дидион. Резултатот е трогателен филм за животот на оваа исклучителна жена, кој може и треба да го погледне и оној кој никогаш не слушнал за неа.
На 14 февруари 1972 во Њујорк Магазин излегол долг текст кој се смета за манифест на таканареченото „Ново новинарство“. Како што пишувавме тука, на повеќе од дваесет страници, бардот на американското новинарство, Том Вулф, промовира нов, хибриден жанр помеѓу книжевноста и новинарството, кој секако постоел и претходно, само што не бил препознаен и „акредитиран“ како таков. Новинарство кое не е фиктивна проза, но личи на неа, такво кое има (и) естетска димензија која не само што не одзема од вистинитоста на текстот, туку уште повеќе ја засилува.
Како претставници на ваквиот тип новинарство најчесто се спомнуваат Труман Капоти, Хантер С. Томпсон, Норман Мејлер и Џоан Дидион. Сите мажи од списокот се одамна починати. Само Дидион, денес на 82 годишна возраст, е жива и се уште крајно луцидна. Насловен според стих од Јејтс, ова е интимен документарец за животот и кариерата на оваа жена преку чии новински текстови и есеи е прикажана социјалната историја на САД, особено шеесетите и седумдесетите од минатиот век, периодот на хипи-движењето и хаосот кој го опкружувал.
Во една таква сцена од филмот - разговор со старицата која со своите четириесетина килограми изгледа како секој момент да ќе се скрши - Дан ја прашува Дидион за момент од нејзин антологиски есеј, во кој таа се среќава со петгодишно девојче, Сузана, чија мајка ѝ има дадено Ел-ес-ди.
„Седеше на подот во дневна, читаше стрип и постојано си ги лижеше усните со голема концентрација. Единственото необично на неа беше што носеше бел кармин“, се сеќава таа. Запрашана за тоа како е да се сведочи ваква ситуација, на дете на дроги, Дидион, облечена во џемпер од кашмир, со дебел златен ланец околу вратот и грацилни но пренагласени гестови, за момент замолчува. И додека секој би ја толкувал оваа пауза како потресеност и потрага по вистинскиот збор за нејзино доловување, Дидион го погледнува Дан во очи и му вели: „Да ти кажам една работа. Тоа е бисер. Ако пишуваш статија, живееш за ваков момент. За добро или за лошо“.
Нејзината ментална и емотивна стамина (за добро, или за лошо) очигледно била, и се уште е инспирација на новите генерации новинари и автори (особено жени), кои ја продолжуваат традицијата започната со „новото новинарство“, кое често се граничи со „гонзо“ или „герила“ пристап, што значи дека и покрај книжевните стилски амбиции подразбира и неопходна професионална дистанца. Па сепак, сировата возбуда од тоа да се сведочи неповторлива сцена, адреналинскиот наплив на тоа да се биде тој кој не само прв, туку и најдобро ќе извести и ќе коментира значаен настан, е незаменливата награда за секој кој се бави со проклетата професија на пишувањето со рокови и за пари.
А Дидион скоро цел живот пишувала така. Почнала во „Вог“, откако како дипломец на Беркли се пријавила на конкурс спонзориран од ова списание и победила, добивајќи место на асистент-истражувач. Во ова списание останува седум години, стигнувајќи до заменик уредник за стории. Тогаш ја пишува и нејзината прва книга, романот Run, River, објавена 1963. Писателот и пријател Џон Грегори Дан ѝ помогнал во уредувањето на книгата - дружејќи се се засакале и почнале да живеат заедно. Парот станал еден од најпознатите во тогашните интелектуални кругови - во нивната куќа на авенијата Франклин во Холивуд постојано имало журки (на една од нив од некаде се појавила и Џенис Џоплин), се дружеле со славни филмаџии (Ворен Бити бил заљубен во Џоан), а кога купиле куќа покрај море во Калифорнија нивен столар бил никој друг туку Харисон Форд, кој дури подоцна ќе стане актер.
Но ваквиот живот на Дидион ѝ одговара само заради приказните кои ги слуша, и кои може да ги искористи за она што го пишува. Приватно, хаосот околу неа ја дразни и прави самата да се чувствува нестабилна. Бидејќи не можат да имаат деца, тие посвојуваат ќерка, Квинтана Ру, која станува центарот кој ги оддржува. Во меѓувреме и двајцата многу пишуваат и многу патуваат. До момент во 2003, кога средиштето попушта.
Додека Квинтана лежи во кома заради пневмонија, а нејзините родители не можат око да склопат од секирации, Џон Грегори доживува фатален срцев удар. Замининувањето на нејзиниот животен сопатник таа го опишува во мемоарите „Годината на магично мислење“ од 2005, која станува бестселер и подоцна е прилагодена и за претстава на Бродвеј.
Но наскоро се случува втора трагедија. Квинтана, сакајќи да го посети местото каде некогаш живееле нејзините родители во Лос Анѓелес, на аеродромот се сопнува, паѓа и удира со главата во тротоарот, што предизвикува голем хематом. По шестчасовна операција на мозокот и повеќемесечен обид за рехабилитација, таа умира, на 26 август 2005, на 39 години, токму во текот на промоцијата на „Година на магично мислење“.
На ова Дидион реагира на единствениот начин на кој може - со пишување нова книга, овој пат посветена на нејзината ќерка. „Сини ноќи“, која излезе во 2011.
Филмот го прикажува сето ова низ комбинација на разговори со Дидион, нејзини соработници и пријатели, со извадоци од нејзините текстови кои често звучат како свежи коментари и изјави, како и со куп архивски снимки и фотографии. Критичарите замеруваат дека со оглед на тоа што режисерот е пријател и роднина со својот „субјект“ тој недоволно ја провоцира Дидион, и ѝ овозможува да се држи до сопствениот, внимателно изграден имиџ, без да го демитологизира или деконструира, онака како што таа им правела на бројни ликови. Но можеби еден ваков, навидум кршлив а бескомпромисен лик на јака жена-интелектуалец, на многумина им е едноставно неопходен. Како инспирација и поука, за сите оние кои не се такви.
Претходно (во контекст на врската помеѓу загубата и креативноста): „Уште еднаш со чувство“