Иако делува како да е инспириран од актуелната пандемија, „Рипче“ е базиран на краток расказ на Ејџа Гејбел објавен пред десет години. Па сепак, исто како и во други дела поврзани со замислени катастрофи кои се актуелизираа во последнава година и пол, и во овој го препознаваме истиот повик - да се биде крај блиските, дури и кога тие се менуваат до непрепознавање, губејќи го својот идентитет поради болест која додуша во случајов не ги повредува физички, туку прави да заборават кои се.
Иако ја нема апокалиптичната атмосфера на слични пандемиски филмови, и во овој луѓето носат хируршки маски, се обидуваат да дојдат на ред за експериментални клинички испитувања, има голем број исчезнати лица кои заталкале од дома и исто толку голем број неодговорени прашања. Некои луѓе запаѓаат во деменцијата нагло, како вирусот со еден потег да им го збришал хард дискот. Кај други почнува со заборавање ситни нешта, од тоа каде се ставени клучевите, до имиња и ликови на блиски луѓе.
Ема (Oливија Кук) и Џуд (Џек О’Конел) се заљубуваат на прв поглед на Ноќта на вештерките. На таа вечер, како и уште на неколку клучни моменти од нивниот заеднички живот, се потсетуваме на неколку пати низ филмот. Но тие никогаш не се сосема идентични. Не само затоа што нивните перспективи се разликуваат, како што тоа обично се случува (фустанот беше бел...не, син), туку и затоа што Џуд почнува да покажува рани симптоми на фиктивната болест NIA (Neuroinflammatory affliction). Врз плеќите на Ема паѓа голем товар, особено кога забележува дека и мајка ѝ, која живее во далечната Англија, покажува слични, но галопирачки симптоми.
Методите за одложување на неизбежното со разни потсетници вклучува запишување на главните нешта (рачно, во тетратка, можеби за полесно да се најдат отколку во компјутер), носење ливче со основни податоци со себе, запишување имиња на блиските на опачината на фотографии (како во „Мементо“ на Нолан), но и тетовирање на лични детали на телото. Кога нивниот пријател, музичарот Бен, не може да се сети на песна која ја компонирал, тие посетуваат тату студио кое нуди 80% попуст за вакви тетоважи. Токму тогаш Ема и Џуд тетовираат нешто што треба да ги потсетува на нивната поврзаност - рипче, кое наспроти стереотипното уверување на кратката меморија на овие суштества, би требало да биде најдолготрајно втиснатиот спомен за нивната приказна.
Одговорот на прашањето што е она што е вредно за паметење е всушност одговорот на тоа за што вреди да се живее. Ова не е „обичен“ филм за деменција, која вообичаено филмски се третира како реална болест која го нагризува јаството на болниот и неговото семејство (последен таков брилијантен пример беше „Татко“ со Ентони Хопкинс). Заборавот во „Рипче“ е повеќе метафоричен - болеста како начин да се потсетиме на важните нешта, како аларм и последен повик, пред на нив да заборавиме, но овој пат засекогаш.
Илина, Букбокс