Букбокс гледаше

„Многу се грижам“ (I Care a Lot, 2021)

Филм за безмилосна измамничка, чија цел се стари и изнемоштени. Тоа што станува збор за вешта и згодна жена на моменти го одвлекува вниманието од вистинскиот лош лик во филмот - општеството кое дозволува да се изродат таквите ко неа.

За да снимиш хорор тој не мора да се одвива во напуштен замок или во мрачни улици каде коси масовен убиец. Сетингот може да биде прилично спокоен и пастелен, дури и стерилен. Но зад декорот на луѓе облечени во бело и ѕидови обоени во резеда всушност да се одвиваат вистинските трагедии.

Марла Грејсон (Розамунд Пајк) е измамничка со стил, но не само поради реторичките вештини и тесниот струк. Нејзината главна моќ е деталното познавање на правните и здравствените бирократии, сите дупки во системот поради кои старите и изнемоштени лица се ранливи и оттаму подложни на манипулација и злоупотреби. Според американското законодавство (а навистина се надеваме дека некои моменти се преувеличени), заради наводна заштита на старите лица, доколку покажат симптоми на деменција или друг вид сериозни здраствени проблеми, тие можат да бидат прогласени за деловно неспособни, а нивната судбина судски да биде доделена во раце на „згрижувачи“. Марла има изградено имиџ на токму таков професионален негувател, кој многу се грижи, па во лукративен договор со локални доктори, лесно наоѓа жртви и доаѓа до судски одлуки за старателство. Притоа „пуслици“ или како што таа ги нарекува „црешки“ ѝ се богати стари луѓе, без фамилија.

Сол Гудман во „Бетер кол Сол“ одеше по старечки домови и ги убедуваше старите дека треба да си направат тестамент. Дури и тогаш се чувствуваше глупаво и со часови им правеше муабет на тетките, грицкајќи од збајатените чајни колачиња, додека тие везат за внуците, снаите, миленичињата. Марла во споредба со него е вистински масовен убиец, кој е всушност пострашен, бидејќи убива на рати, луѓе кои не се ни свесни што им се случува. Некои од нив се чувствуваат сосема добро и се изненадени од судската одлука, но со благо нарушено расудување и верба во системот го пакуваат куферчето и заминуваат во дом, од каде потоа и да сакаат немаат каде да се вратат - Марла им ја продава куќата, а спомените им ги џитка во отпад.

Сето тоа се менува кога ќе наиде на тврд орев, не на „црешка“, туку на коската внатре црешата. Без да откриваме премногу, старата Џенифер Питерсон за која станува збор има јак грб, во форма на мафијаш кого го игра Питер Динклиџ (од „Игра на тронови“). Овој дел од приказната е забавен и акционен, но истовремено и најслабата алка во однос на она што би требало да е главната порака - институционалното насилство кое важи не само за старите, туку и за секој кој ќе покаже слабост во социјалната одбрана. Немаш деца и роднини кои се заинтересирани за твојата благосостојба? Адвокатите се ујдусани со згрижувачите, кои се ујдисани со докторите? Со малку седативи и тапкања по грбот, ја губиш битката, уште додека си на нога.

Розамунд Пајк и без многу да глуми има таков лик, на некој многу лукав и злобен. Иако е како од цртан филм - еднодимензионална, без минато и со сосема слаби назнаки за евентуално малтретирање на кое била подложена како жена - таа е носечкиот столб на филмот во кој сите останати се статисти. До таму што кога ќе почнат да и се случуваат лоши нешта, дури може за момент да ви падне жал. За совршено осмислениот проект, кој се самоостварува во плодна клима на бирократија, корумпираност и крајно отсуство на хуманост.

Илина, Букбокс

 

26 февруари 2021 - 10:13