„Временска прогноза: претпладне сончево и топло со мала облачност. Попладне услови за нестабилност со краткотраен пороен дожд. Температурата ќе достигне до 35 степени.“
Дали се сеќавате каде бевте на 6 август 2016, денот за кој требаше да важи горната прогноза? Ако не сте биле на одмор, а сте од Скопје или околината, сигурно сте слушнале барем еден од над 800-те громови кои го затресоа небото таа ноќ, сте ги прибирале испружените алишта и сте стравувале дека можеби ќе останете без струја. За жителите од селата Сингелиќ, Стајковци, Смилковци и Арачиново нештата беа покомплицирани. Над 1000 од нив беа евакуирани, други останаа во своите домови за да се обидат, со вреќи песок, јоргани и најлони да го спречат она што подоцна на вести го опишуваа како потоп од старозаветни размери. По патиштата починаа 22 лица, а неколку се водеа како исчезнати. На 8 август на цела територија на државата беше прогласен ден на жалост.
Документарниот филм „Цвеќиња на водата“ го регистрира и архивира за колективното сеќавање овој трагичен настан низ приказната на Ратка и Атанас Стојановски, жители на Стајковци, „обични“ луѓе на свои 70 години, едни од оние кои поплавата ги принуди на таква, одмината возраст, да почнат од нула. Нивниот имот и куќа се претворени во куп кал, во кој на некој магичен начин се преживеани предмети кои немаат никаква практична корист, но помагаат во исцелувањето: таписерии со сончогледи и гулаби на мирот, стари фотографии чии ликови се препознатливи и покрај дамките и инсектите кои лазат по нив, и - икебани направени од суво цвеќе, кои Ратка со право ги опишува како „многу издржливи“, всушност опишувајќи се себеси.
Одгледувањето цвеќе е хоби на жената која за себе вели дека отсекогаш се занимавала со „уметнички работи“. Продажбата на икебаните ѝ претставува задоволство но и го дополнува скромниот семеен буџет. Ден пред големата поплава со заштедата купила нов шпорет, во кој сакала да испече торта за својот роденден. Таа година нејзиниот роденден ќе се совпадне со денот на жалост. Но и таа, и цвеќето ќе преживеат, иако со страшни спомени, на трупови по нивите, на разорувањето на „невидливата сила“, која де се изедначува со Господ, де со Мајката природа, која е жива и со гнев гледа на ненаситноста на човекот. „Бидете спремни, нешто ќе се случи“, ја предупредил Ратка мистериозен женски лик во бела шамија, во сон кој го имала пред поплавата. Дали можеби мислела и на пандемијата? Која е следна катастрофа која треба да ја очекуваме, и како да се спремиме од нешто што не можеме да го предвидиме?
Авторите на филмот, режисерката и сценарист Тања Балаќ, и снимателот Кирил Шентевски, го имаат одговорот. Ни стотици вреќи песок поставени како барикада пред водата, ни милион лопати и цистерни за испумпување не се доволни без човечката солидарност и моќ на духот да се регенерира, и да продолжи понатаму. Но лекциите не смеат да се заборават. Дали последиците од поплавата во Стајковци ќе беа помали доколку некој пат бил изграден поинаку, доколку некој канал бил исчистен или доколку атмосферската канализација била планирана како што треба? Дали одговорот на ова прашање им значи на оние кои во сцена од филмот од автомобил што тоне повикуваат на помош, а други, кои снимаат, не можат никако да помогнат? Немоќта на човекот е навистина голема пред вишите сили. Но има нешта кои тој може и мора да ги направи пред да се препушти на фатализмот.
Филмот „Цвеќиња на водата“ ќе биде прикажан на 28.10 (четврток) во склоп на фестивалот Киненова, во Кинотека (се планира и прикажување на ТВ, за што ќе известиме подоцна). Истовремено, со купување на билет тој може да се види од денес, 22-24.10 на Македонскиот филмски фестивал во организација на македонската дијаспора од Канада на следниов линк.
Илина, Букбокс