Букбокс на Македокс: „Руини“ (МК, 2026)

Документарецот на Елена Чемерска, кој премиерно се прикажа во склоп на тековната програма на Македокс, е истовремено многу убав и многу болен. Тој покажува дека понекогаш каменот не е најтрајниот споменик - некои приказни, и покрај сè што ќе ги нагриза, се покажуваат поиздржливи од него.

„Сликите избледуваат, лентите се трошат.
Приказните се распаѓаат во пепел. Но овој камен опстојува“. 

Речениците изговорени на почетокот на „Руини“, придружени со сугестивна музика и монтажа од „искрцкани“ архивски снимки на она што некогаш бил монументален споменик, на денот на премиерата на филмот во август 2026-та тежат и повеќе отколку што веројатно им била првичната намера. Низ Скопје како медуза провејува чад од неколкуте околни жаришта. А името на градот над кој се издига Споменикот на слободата засекогаш ни е врзано со катастрофалниот пожар, кој се случил кратко по снимањето. 

Кога прв пат во кадар ќе се појави фигурата на авторката-нараторка, минувајќи како низ временски портал низ две бетонски паноа, го сфаќаме размерот на нештата: таа изгледа толку мала и кревка, а споменикот толку голем и заканувачки. Па сепак, низ сите пеплишта и руини кои следат, станува јасно токму обратното - каменот е оној што се распаѓа пред големината на некои приказни. 

На ридот Локубија, на северозападната страна на Кочани, во 1975 година почнува да се гради споменик, еден од оние карактеристични за југословенскиот социјализам. На распишан јавен конкурс комисијата го бира решението на Глигор Чемерски и архитектот Радован Раѓеновиќ. Споменикот со амфитеатралната сцена свечено е промовиран во 1981, по смртта на Тито и на празник - Денот на Републиката - кој нема уште долго да се слави. И покрај нивната ангажирана тематика (историја, Илинден, НОБ), осумте мозаични мурали вклопени во една архитектонска целина претставуваат „надмудрување“ на уметникот со просторот и природните елементи и оттаму најпрвин испробување на границите на сопствената креативна слобода и вештина. Во моментот кога бил завршен, тоа бил најголем мозаик од поединечен автор во Европа. Славниот Богдан Богдановиќ, најпознат токму по големите споменични обележја во Јасеновац, Мостар и Прилеп, го споредил со старите кралски палати на Крит. 

Четириесетина години подоцна, ќерката на Глигор, Елена Чемерска, тргнува на трнлив правен, финансиски и логистички потфат за реставрација на делото, за кое на неговата Википедија страница има дури и посебно поглавје - „Запоставеност“. „По осамостојувањето на Македонија, споменикот бил препуштен на забот на времето и значително оштетен од несовесни граѓани“ - вели текстот, како да претставува реклама за „дарк руин“ туризам.

Тој заб и таа вилица се силни и не престануваат да гризат, а на каснатите места остануваат лузни - физички и емотивни. И не само на колективното, туку во случајов и на многу интимното ткиво на семејството Чемерски. Паралелната приказна, со прераната смрт на полубраќата на Елена, параглајдеристот Филип кој апсурдно починува паѓајќи од тераса и сјајниот преведувач Огнен, кој заминува на 43 години од тешка болест (патем премиерата се одржа на 24 август, на 9-годишнината од неговата смрт), раскажана со многу љубов но без патетика, нè кутна. Низ филмот се оживува еден споменик, но истовремено се градат неколку други. Споменици кои не се ниту гробница, ниту палата, туку исечок во времето и просторот, катче во кој некој барем за миг наоѓа слобода и мир.

Раскажувајќи за своето детство во Кавадарци низ архивски снимки, Чемерски се сеќава на сцени полни со смрт. Раскапани желки низ лозјата и коњски гробишта надлетувани од оси, кои лете создавале чудни звуци на вриење. Смртта ги распаѓа нештата. Но среде гниежот зујат приказни и - парадоксално - врие од живот. На ѕидот на руината некој нацртал срце.

Илина, Букбокс

25 август 2026 - 10:15