Букбокс гледанка: „Скапани јаболки“ (Bad Apples, 2026)

Филм кој на дел од сајтовите е класифициран како „комедија“ всушност е болна сатира за тоа како современите образовни системи, ориентирани кон квантитативно мерливи „постигнувања“, се справуваат со „скапаните јаболки“ помеѓу учениците - оние кои го нарушуваат одвнатре. Како да решиш проблем со еден таков пред доаѓањето на инспекција? Заклучи го во визба. 

Во „Скапани јаболки“ (2026), Марија, која ја игра одличната Серша Ронан, е наставничка која се обидува да ја зачува контролата врз својата училница и со тоа својот професионалнен интегритет. Главниот предизвик е Дени, кој уште во првата сцена, при посета на фабрика за правење „сајдер“ од јаболка си ја фрла патиката во машината. Тој постојано доцни, пцуе, крши, а знае и физички да се пресмета со соочениците ако му промрчат. Соочена со критики од колегите и од наставниците дека не се справува како што треба со него, на ден пред посета на инспекција, наставничката се одлучува на радикален чекор - да го затвори во подрумот на својата куќа и да го држан врзан на сиџимче! 

Колку и да ни изгледа несоодветно, денот потоа (и оние по него) како да ни ги релативизира моралните дилеми. Наставата без Дени станува помирна и поуспешна, и со тоа филмот ја поставува својата најнепријатна дилема: ако отстранувањето на еден проблематичен поединец е во корист на сите други, дали тоа ја прави постапката оправдана? Или само открива колку лесно сме подготвени да ја жртвуваме етиката заради ефикасноста? Успехот на класот, мирот во училиштето и професионалниот углед на Марија стануваат поважни од прашањето што се случува со детето, дури и кога родителите на останатите ќе ја дознаат вистината. „Лошото јаболко“ така престанува да биде само Дени: проблемот е и во системот што не знае што да прави со оние што не се вклопуваат во неговиот идеален модел.

И покрај интересната теза на филмот, сценариото (или режисерот) како да не се одлучни да одат до крај во растегнувањето на ластикот до негово пукање. Односот помеѓу Марија и Дени е збунувачки - таа во визбата продолжува (или баш почнува?) да го подучува, и покрај тоа што претходно очигледно го сметаше за безнадежен случај. Одвоен од хаосот на училницата, тој тука добива индивидуално внимание и почнува да напредува. Марија, пак, открива дека може да биде поефикасна наставничка кога ќе го контролира секој аспект од средината. Тука лежи најмрачната иронија на филмот: наставничката е истовремено и онаа која казнува и спасителката.

Филмот не го претвора Дени во невина жртва без сопствена одговорност. Неговото агресивно однесување е реално, како и последиците што ги трпат другите. Истовремено, Марија не е само чудовиште, а училиштето не е само институција што потфрлила. Филмот нè соочува со нешто понепријатно: со можноста дека луѓето можат да прават нешто длабоко погрешно, а притоа да се чувствуваат добро и исправно. 

Илина, Букбокс

26 октомври 2026 - 09:23