Франк Симон-Риц, претседателот на Германското библиотечно здружение, вели дека трошоците се реален проблем, бидејќи средства се потребни не само за одржување на постоечките збирки, туку и за нивно обновување. Тој со уште 4,000 негови колеги деновиве одржуваат конференција посветена на оваа ситуација. Но иако на прв поглед би се чинело дека главната дискусија ќе се води околу воведувањето на е-книгите, или за некаква друга интерактивна одлика на библиотеките која би привлекла читатели, главното прашање за германските библиотеки во моментов е - работењето во недела.
Според постоечките закони тие не смеат да работат во неработен ден, но успешни пилот-проекти во Бремен и Меншенгладбах покажале дека недела е одличен ден за посета на библиотека, особено ако таа во себе содржи и кафич, игротека или зони за релаксација со удобни фотељи, и дека библиотеките на овој начин би можеле и да генерираат сопствен приход.
Ова е само еден предлог за поголема достапност на германските библиотеки, во кои и покрај финансиските проблеми не недостасуваат читатели - минатата година се регистрирани 215 милиони посети, а тоа се пет милиони повеќе од 2013. Особено се атрактивни факултетските и општинските. Но за да се одржи ваквата ситуација, освен пари, потребно е и менување на односот на издавачите и на државата кон oвие институции. На пример, голем број од германските издавачи не се согласуваат на библиотеките да им продадат дозволи за е-книги, сметајќи дека така корисниците едноставно ќе читаат бесплатно во локалната библиотека а нема да купат примерок онлајн. Дополнително, е-книгите се оданочуваат со 19% данок, а не со 7% како традиционалните книги.
Една од антологиските сцени во „Небото над Берлин" на Вендерс, снимена во Staatsbibliotehek zu Berlin, државната библиотека во Берлин, нагалено наречена „Штаби"