Генетика, привилегија или нешто трето?: тајните на славните семејства

Под „славни“ не секогаш се подразбираат богати и привилегирани семејства, иако тоа е еден од елементите коj на нивните членови им обезбедува поголема шанса за образование и негување на талентите. Но за да ги негуваш талентите треба и да ги имаш.

Во неодамнешен текст на блогерот Слејт Стар Кодекс (за кого што претходно пишувавме тука) тој се осврнува на една интересна тема: зошто се случува во едно семејство да има повеќе славни личности во различни области?

Помеѓу бројните примери кои тој ги наведува има повеќе но и помалку познати имиња. Така на пример, братот на Олдос Хаксли (најпознат по романот „Храбриот нов свет“), Џулијан, е еден од основачите на УНЕСКО и на World Wildlife Fund, на кого му се припишува авторство на термините „етничка група“ или „трансхуманизам“. Нивниот полубрат Ендрју Хаксли ја има добиено Нобеловата за медицина, за откритие за тоа како функционираат нервите. Нивен дедо бил томас Хаксли, еден од првите и најголемите поддржувачи на теоријата на еволуцијата и претседател на Кралското здружение. 

Анри Поенкаре бил славен математичар, пионер на теоријата на хаос и топологијата. Неговиот братучед, Рејмонд Поенкаре, бил претседател на Франција од 1913-1920. Братот на Рејмонд, Лисјен, бил истакнат физичар и ректор на Универзитетот во Париз.

Фриман Дајсон бил легендарен физичар на Институтот за напредни студии во Принстон. Неговиот татко, сер Џорџ Дајсон, бил познат британски композитор и директор на Кралскиот музички колеџ. Неговата ќерка, Естер Дајсон, е наречена „највлијателна жена во компјутерскиот свет“, иако ретко кој всушност слушнал за неа и нејзините бизнис активности. Нејзиниот син, Џорџ Дајсон, е историчар на наука.

Рабиндранат Тагоре, индискиот поет и филозоф кој ја доби Нобеловата за книжевност е син на Дебендранат Тагоре, основач на нова религија, брамоизам, која има неколку милиони следбеници. Братот на Рабиндранат бил преведувач, композитор, математичар. Другиот брат бил првиот Индиец во британската колонијална администрација. Третиот брат бил физичар кој експериментирал со радио бранови уште во 1860, и го напишал првото академско дело од областа на физиката во Азија, при што истовремено бил познат и како - борач. 

Како овие семејства произведувале вакви (очигледно главно машки) таленти, генерација по генерација? - се прашува блогерот. Еден очигледен одговор според него е: привилегија. Откако првиот талентиран поединец го направил семејството познато и богато (или искористил претходно наследени средства за да ги инвестира во своите идеи), тоа семејство веќе било во предност, и во смисла на ресурси и во смисла на социјален престиж. Сепак привилегијата не е доволна - на пример Корнелиус Вандербилд, американскиот бизнис магнат од 19 век, има бројни потомци кои се познати само по тоа што се многу богати.

Вториот елемент е генетика, иако она што е познато е дека споделуваме само 6,25% од гените со нашите чукундедовци и чукунбаби. Па сепак, Чарлс Галтон Дарвин бил брилијантен научник, а неговиот прадедо Еразмус Дарвин бил исто така брилијантен научник. Можат ли толку малите проценти да оправдаат наследување на натпросечен талент и интелигенција, па уште и во различни области како во случајот со Нилс и брат му, Харалд Бор, едниот нобеловец по физика а другиот олимписки атлет? 

Последниот аргумент е нешто што се нарекува „Дозвола за херојство“. Повеќето луѓе не постигнуваат големи нешта затоа што не се ни трудат да постигнат големи нешта, не се гледаат себеси како некој што може да направи нешто значајно и маркантно. Можеби е малку необично да се гледа на „гениј“ како на кариера на која може и треба да се работи. А можеби тоа не е некаков апстрактен квалитет даден само на оние „допрени од Бога“, туку таков кој може да се култивира, преку соодветно образование и секако, голем напор. 

извор

18 ноември 2021 - 16:13