Слејт Стар Кодекс е отворен во 2013, а во текот на седумте години на своето постоење тој главно се занимаваше со прашања од областа на науката, медицината, филозофијата, политиката и футуризмот. Неговото влијание во одредени интелектуални кругови беше огромно - медиумите го опишуваа како „централа на рационалистичката заедница и на другите кои сакаат да применат разум во дебатите во врска со настани, идеи и морални прашања“ (Дејли Бист), а статии од блогот постојано беа на топ 100 листата на најдобри новинарски текстови на сајтот на Атлантик.
Притоа, дури и најголемите фанови не го знаеа вистинскиот идентитет на авторот, иако на многумина им беше многу побитно што тој човек има да каже, а не кој е приватно. Она што се знаеше е дека името на блогот е приближен анаграм на „Скот Александар“ - неговото прво и средното име.
Сите тие беа вознемирени кога во пост објавен на блогот на 22 јуни авторот најави дека - го затвора. Причината: новинар на Њујорк Тајмс од рубриката за технологија почнал да пишува сторија за Слејт Стар Кодекс, која требало да биде прилично благонаклона и пофална, особено во контекст на неодамнешните објави на Александар поврзани со Ковид-19, кои биле чекор понапред во предвидувањето на развојот на ситуацијата. Контактирал неколку од неговите пријатели, како и поранешна девојка. На крај го контактирал и самиот Александар, а тој се согласил да зборува за својот блог, но неофицијално. Побарал и да не се открива неговото вистинско име, но барањето му било одбиено од страна на уредникот. Според наводната уредувачка политика на Њујорк Тајмс (чија историја по ова прашање, како што покажаа коментаторите, е прилично неконзистентна) тие можат да објават текст во кој не се открива вистинскиот идентитет на главниот соговорник, НО не и откако веќе го дознале неговото вистинско име.
Причините зошто Александар сака да остане анонимен според неговиот последен (и во моментов единствен достапен) текст се бројни. Прво, тој е психијатар, а психијатрите се прилично опседнати со тоа нивните пациенти да не знаат ништо за нив вон професијата. Поради слични причини во 2016 и друг психијатар во иста ситуација го затвори својот блог. Второ, анонимноста му е потребна со оглед на тоа што до сега добил бројни закани по живот поради ставови изразени во своите текстови, а имало и повици до клиниката од наводни незадоволни пациенти чија цел била да го избркаат од работа. Трето, живее во комуна со десет други луѓе, вклучително и деца, кои би можеле исто така да бидат доведени во опасност.
„По разгледување на сите опции, одлучив како што одлучив. Ако нема блог, нема приказна. Или ако има, тогаш таа ќе мора да вклучи дискусија за стратегијата на Њујорк Тајмс на доксирање на блогери поради кликови“, вели тој во последниот пост. „Ако некој сака да пишува текст за мене, и ако смета дека не ја заслужувам маската на анонимноста, тогаш нека ме именува, на истиот начин на кој се именуваат криминалци и терористи. Но овој текст не требаше да биде таков - според сите назнаки тој требаше да биде фина сторија. Да ме казнат за злосторства кои сум ги сторил барем ќе беше предвидливо, но не сакам да бидам казнет за моите доблести.“
Текстот завршува со повик до фановите да извршат притисок, за одговорните во ЊТ да размислат уште еднаш, да му ветат дека нема да го користат неговото вистинско име, и да ја променат својата стратегија и во сите идни слични случаи. До тогаш, блогот на кој се дискутираа значајни теми со толку потребната ронка разум, ќе биде недостапен. Каков што по сè изгледа станува и разумот воопшто.