Mинатата недела Трамп во Белата куќа го одржа првиот собир во историјата наменет специјално за социјалните медиуми. Непосреден повод беа реакциите на негови твитови во кои тој им порачува на четирите новоизбрани не-бели конгресменки од демократскиот табор „да си одат од каде што дошле“. Додуша најголемите компании, Фејсбук и Твитер, не беа поканети, затоа што тие наводно ги цензурирале десничарските постови. Низ салата беа поставени огромни отпечатени верзии на твитовите на Трамп. Но и дефиниција на еден интересен термин - доксинг (doxing, понекогаш и со две х).
Терминот во англискиот е дефиниран како „објавување приватни лични информации за друго лице, или откривање на идентитетот на онлајн профил без одобрување на оној кој стои зад него“. Во случајот со Трамп станува збор за одлука на Си-ен-ен да го „доксира“ односно да го открие креаторот на лажно видео во кое Трамп се тепа со човек на чие лице е монтирано лого на телевизиската компанија, додуша само неговиот прекар без целото име и презиме.
„Доксинг“ во моментов не е кривично дело според американските закони, сè додека собраните информации се прибрани од јавно пристапни акаунти (на пример фејсбук страница или друг профил на социјални мрежи кои не се „заклучени“), и сè додека она што се објавува се користи во рамки на етичките стандарди. Сепак, „доксирањето“ со злобна намера, на пример користењето на лични информации заради нечие уценување, е кривично дело, секако доколку има доволни докази за истото.
Терминот прв пат е употребен од раните компјутерски хакери како кратенка од зборот „документи“. Во поширока употреба е влезен во средината на 2000-тите, со негативна конотација, како тактика на малтретирање, нарушување приватност или одмазднички механизам во онлајн дискусии. Еден од најпознатите случаи на „доксинг“ се случи во 2014, кога Њусвик го откри идентитетот (и домашната адреса) на основачот на Биткоин. Додуша, тогаш имаше и такви кои го бранеа „доксирањето“ како новинарска алатка за откривање на вистината (иако во случајот јавниот интерес од објавувањето на конкретната информација беше во најмала рака сомнителен).
На македонски терминот се среќава на социјалните мрежи, кирилично транскрибиран, со истото значење. Со оглед на актуелноста на „доксирањето“ можеби ќе се смисли и некој автентичен, локален термин.