Колет Маз, родена на 16 јуни 1914, потекнува од музичко семејство. Нејзината баба свирела пијано, а мајка ѝ виолина. Се сеќава на концерти во нивниот голем париски стан кога била дете. И покрај заедничката љубов кон музиката, семејството не било баш сложно, а мајката често била груба кон Колет. Оттаму таа во музиката почнала да го бара она што ѝ недостасувало во животот - љубов и нежност. Неа најмногу ја нашла кај Шуман и Дебиси, нејзини омилени композитори.
Растела во непосредна близина на престижната Екол Нормал де Музик, нешто што го смета како дел од својата судбина. Била примена по аудиција, кај директорот на школата, легендарниот пијанист Алфред Корто. Помеѓу другите наставници кај кои учела се вбројува и Надја Буланже (професорката на Бернштајн, Глас, Пјацола и Квинси Џонс за којашто пишувавме тука).
Во нејзино време пијаното за девојка требало да биде хоби, но не и кариера. Нејзините родители никако не се согласувале таа да стане професионален музичар. Кога останувала сама дома тие го заклучувале станот кадешто стоело пијаното, и ја ставале да спие во собата за послуга, за да не се занесе со вежбањето. Иако не станала концертна пијанистка, сепак ги добила потребните квалификации за наставник по музика, што и работела цели 20 години.
Уште една работа придонела нејзиното семејство да ја изопшти. Имала врска со женет човек и останала бремена. Како самохрана мајка воопшто не можела да смета на поддршката од родителите. Нејзиниот син кој сега има 71 година е всушност организаторот на овој проект - издавањето на нејзин шести албум на возраст кога многумина креваат раце и од повеќе нешта отколку од пијаното. Една од причините да се регистрира нејзиното музицирање е што Колет е последниот жив ученик на Корто, кој подучувал специфична техника, фокусирана на релаксирање на рацете и дланките.
Eве како звучи тоа: