Жулиет Надја Буланже, како што гласело нејзиното целосно име, француска композиторка, изведувач на пијано и органа, и професорка на најголемите композитори и музичари на 20 век, e нарекувана „највлијателниот педагог по Сократ“. Работела на Џулијард, на Кралскиот музички колеџ, и на куп други институции, но основната локација за предавања во текот на поголемиот дел од животот ѝ бил семејниот стан во Париз, на rue Ballu 36, каде и умрела на 92 години. Освен што држела часови, таму секоја среда правела и седенки, дискусии, а организирала и посета на културни знаменитости за оние кои не биле од Париз. На тие собиранки во исто време знаеле да се најдат не само музичари, туку и славни поети и сликари.
Кога некој ќе побарал од неа да му држи часови, таа имала само едно прашање, без оглед на претходните музички познавања, па дури и на талентот: „Дали можеш да живееш без музика?“. Ако одговорот бил да, тогаш таа реагирала со „Фала Богу, и збогум!“.
Но оние кои ќе биле прифатени како ученици требало да бидат подготвени на железна дисциплина, и на една „силна, француска аристократка“, која не верувала во демократија и во тоа дека жените треба да имаат право на глас. Всушност била особено строга кон жените-ученички, а кога некоја од нив конечно го заслужила нејзиното одборување, Буланже почнала да ѝ се обраќа со „Месје“. Помеѓу нејзините најславни ученици се Леонард Бернштајн. Арон Копланд. Квинси Џонс. Астор Пјацола и Филип Глас.
Во текот на животниот век минала бројни премрежја - две светски војни, нарушено здравје, сиромаштија заради која се откажала од компонирањето на сметка на поисплатливото држење часови. Никогаш не се омажила, а единствената личност со која била семејно блиска според биографиите - сестра ѝ - умрела многу рано, во 1918, на 24 години. Надја никогаш не ја прежалила, велејќи дека помеѓу нив двете, Лили (сестрата) била поталентираната музичарка.
Буланже била првата жена која диригирала со симфонискиот оркестар на Би-би-си, со Бостонската, Њујоршката и Филаделфиската филхармонија, како и на премиерни изведби на Копланд и Стравински, кого посебно го ценела и промовирала. Како пријателка на семејството, Буланже била замолена да ја организира и музиката за свадбата на принцот на Монако и Грејс Кели во 1956.
Сепак, во историјата на музиката ќе остане запаметена пред се како музички педагог, со јасни ставови по прашањето на тоа кој може да се занимава со оваа благородна дејност. Квинси Џонс често ја цитира, со зборовите: „Твојата музика никогаш нема да биде ни повеќе, ни помалку од она што си како човечко суштество“.
Еве ја, на стари години, но со ум прецизен како ласер: