Терорист киднапира комерцијален лет со 164 луѓе на него, и се заканува дека ќе го забие во фудбалски стадион на кој во моментот има 70,000 гледачи. По неколку неуспешни обиди за присилно слетување, еден германски војник конечно го соборува, убивајќи ги сите патници, но истовремено спасувајќи илјадници други животи.
Ова е фиктивната поента на германскиот филм „Терор-вашата пресуда“, кој се прикажа оваа недела на телевизиите во Германија, Австрија, Швајцарија, Словачка и Чешка. Тој е базиран на театарска драма на бестселер автор на трилери, кој е истовремено и адвокат, Фердинанд фон Ширах. Приказната се однесува на судењето на Ларс Кох кој ја донел одлуката да го собори авионот, а публиката може да ја чуе неговата изјава пред суд, како и говорите на одбраната и на обвинителството.
Исто како и театарската публика којашто ја гледала истоимената претстава, и телевизиските гледачи требало да гласаат (преку телефон или онлајн) дали Кох е виновен или не. Во Германија, 86,9% од 690,000 гледачи кои гласале сметале дека тој е невин, велејќи дека тој ја донел исправната одлука. Сличен бил процентот и во другите земји. Останатите 13,1% гласале дека е виновен, сметајќи дека тој треба да одговара за убиство.
Ваквиот вид телевизиски „референдуми“ се покажуваат како необичен и успешен интерактивен формат. Масовните медиуми се одличен инструмент за увид во тоа како се доживува некоја и не така фиктивна ситуација, како се размислува за заедничките вредности и за безбедноста на населението.
Причината зошто ваквата тема е интересна во Германија е што истово прашање - што да се прави со киднапиран авион - е жешка политичка тема веќе 15 години. По нападите во САД од 11 септември 2001 германските политичари барале закон кој ќе ја заштити нивната земја од слични настани, кога терористи користат комерцијални летови како оружје. Luftsicherheitsgesetz или законот за воздушна безедност помина во 2005, а во него членот 14 вели дека ако се исцрпени сите други опции Бундесверот (вооружените сили на Германија) може да донесе одлука да пука во патнички авион, ако притоа се спасуваат повеќе други животи. Но минатата година Уставниот суд го поништи овој член, бидејќи тој е спротивен на одредбата дека Бундесверот никогаш не смее да дејствува внатре границите на Германија. Политичарите кои го барале ова сметаат дека животите на луѓето не можат да се третираат статистички, туку дека секој од нив е подеднакво вреден, па оттаму и треба да се заштити.
По гласањето била одржана и ТВ дебата на која присуствувале поранешниот министер за одбрана, пилоти и други релевантни соговорници, со спротивставени ставови. Програмата ја следеле 6,88 милиони гледачи, што е голема бројка за шоу кое бара малку мислење и заземање морален став.
Поврзано: „Анархија“ - интерактивна политичка серија на француската државна телевизија