Франција е во хаос откако претседателот Франсоа Оланд ја доведува земјата на работ на пропаста, соочена со рекорден долг. Еврото се укинува и се враќа франкот, а населението мора да се научи да опстанува со (за нивни услови „само“) 2400 денари неделно.
Ова се раскажуваше во првата, 26-минутна епизода од шоуто кое почна да се емитува оваа недела на францускиот Канал 4. Дејството се одвива во изолирана куќа на ентомолог (истражувач на инсекти), од кого една белгиска фондација бара да им помогне на француските бегалци. Епизодата завршува со силни чукања на неговата врата. Првите жртви на кризата кои бегаат од големите француски градови пристигнуваат.
Гледачите можат да учествуваат во креаирањето на идните епизоди преку официјалниот сајт на шоуто, каде се добиваат поени со развивање на карактерите во серијата, која ќе трае 8 недели. Идејата на авторите е „сите да замислиме како Французите би реагирале в случај на системска криза без преседан во новата историја на земјата". Наградата за најактивните и најуспешни учесници е следење на курс за пишување сценарио и камера.
Публиката исто така е предизвикана да создаде сосема нов лик. До денес на сајтот има бројни предлози, вклучувајќи го и Јуриј Гагарин, кој наместо да е мртов има 80 години и работи како пензиониран таксист во Париз.
Во атмосфера на речиси хистерични претпоставки во врска со шоуто пред првата епизода, француските медиуми се обидуваа да дознаат што повеќе за нејзината содржина. Во меѓувреме, додека се чека новата, на сајтот постојано течат нови „вести", кои ги составуваат 15 сценаристи. Една од нив гласи дека премиерот поднел оставка заради граѓанските немири, но дека цената на багетот „останала стабилна".
Раководителот на проектот од сценаристичка гледна точка, Борис Разон, изјавил дека негова директна инспирација бил финансискиот колапс на Исланд. Тој е свесен дека се можни секакви реакции, па дури и „излетување од шините". Сепак се надева дека воспоставената структура на модератори ќе овозможи креативна работа, која на крај би резултирала со книга, која тој ја споредува со роман на Борхес - таква која би функционирала во повеќе од една димензија.
Целата прва епизода тука. Нам ни делува како неверојатно храбар проект, речиси на ниво на „Ѕвезде Гранда".