Еден згоден крал е обдарен со натчовечка моќ, но неговата ароганција и алчност се закана за кралството. Еден навидум обичен поданик го предизвикува на борба. Кралот е поразен и понижен, но двајцата херои стануваат пријатели и почнуваат серија опасни авантури.
Звучи како сиже на летен филмски хит. А всушност ова е епот за Гилгамеш, врежан на древни вавилонски глинени плочки пред 4000 години. Варијации на истиот мотив се среќаваат и во следните илјада години, што ни кажува дека приказната била атрактивна за луѓе од различни култури и епохи, кои можеле да се идентификуваат со основните елементи, на пример со трогателната приказна за двајца пријатели кои си помагаат во добро и во зло.
Ваквите заеднички карактеристики на нарации од различни времиња и места се од интерес на истражувачите кои специјализираат тн. „литературен Дарвинизам“. Нивното основно прашање е: што е она што прави некоја приказна да биде „добра“, и кои се еволутивните причини зошто одредени приказни - од Хомеровите епови, до Хари Потер - се толку привлечни.
Иако за периодот пред писмото немаме цврсти докази како изгледало раскажувањето и каква била неговата содржина, можеме да претпоставиме дека приказните имале централна улога во човечкиот живот илјадници години. Но според статистиките, и денешен просечен возрасен минува 6% од јавето втопен во фиктивни приказни.
Ова од еволутивна гледна точка е огромно минато време и потрошена енергија на чист ескапизам, но психолозите и книжевните теоретичари имаат идентификувано поголем број полезни аспекти на истото. На пример, тоа што раскажувањето приказни е форма на когнитивна игра која ни ги ангажира умовите, овозможувајќи ни во симулиран свет да развиеме различни стратегии, особено такви кои се однесуваат на меѓучовечки односи. Како поддршка на оваа теорија, мозочни скенови покажале дека читање или слушање приказни активира различни области на кортексот за кои се знае дека се вклучени во социјално и емоционално процесирање, и дека колку повеќе луѓето читаат, толку е полесно тие да покажат емпатија кон други.
Како суштества кои се прилагодиле на живот во големи заедници, ние сме морале да научиме како да соработуваме и, како и Гилгамеш, да не ја злоупотребуваме доминацијата на штета на благосостојбата на групата. Приказните оттаму еволуирале и како начин на комуницирање и подучување на општествените норми, забраните и табуата.
Соработката е исто така централна тема во популарни приказни низ светот. Како што пишувавме тука, антрополозите откриле дека племиња од Филипините ја ценат вештината на добро раскажување многу повеќе од некои други, дури два пати повеќе на пример од тоа да бидеш добар ловец, што навидум изгледа многу побитно за опстанокот на групата. Исто така било утврдено дека поголемиот дел од содржината на нивните усно пренесувани нарации има врска со соработка, егалитаријанизам и родова еднаквост, кои на тој начин се промовираат, особено кај помладите.
Еволутивната теорија има одговор и за карактеристиките на романтичната фикција, вклучително и за преференците на главните јунакињи за стабилни „татковски“ фигури или за заводливи „фраерчиња“. Татковските ликови можат да понудат долгорочна сигурност и заштита на потомството, но според еволутивна теорија наречена „хипотезата на згодниот син“, изборот на згодниот и неверен фраер може да има предност бидејќи тој може да ги пренесе своите добри физички и шармот на сопствените деца, кои потоа токму заради овие особини можат да доживеат поголем сексуален успех. Така, се смета дека најпопуларните автори во овој жанр и без професионално познавање на еволутивната психологија имале „неверојатно прецизно“ разбирање на сексуалната динамика, дури (на пример во случајот со Џејн Остин) и пред два века.
Наведените карактеристики на приказните се извор на нивната моќ која надминува географски граници и векови. Во спротивно не би било можно да уживаме во книжевност од култура која е далеку поразлична од нашата - тоа е така само затоа што сепак споделуваме заедничка емотивна база, некој длабок резервоар на претпоставки и однесувања.
Извор: Гардијан