Претставата „Пеколна комедија“ во продукција на Бруклинската музичка академија, со Џон Малкович во главната улога, претставува серија монолози инспирирани од автобиографијата на реалниот сериски убиец Џек Унтервегер. Неговите жртви - сите жени - се претставени преку елегантни сопранистки кои на сцената изведуваат оперски арии од Моцарт, Вивалди, Бетовен, Хајдн и други. На 26 јули истата ќе може да се проследи на фестивалот Охридско лето. Критиката го опишува Малкович како одличен во толкувањето на овој „лудак“, изведувајќи ја улогата со (хм..) „екстремно уживање“.
Приказната за Унтервегер може да се раскаже на повеќе начини, но еве еден од нив, базиран на најосновните факти.
Во 1974, тој почнал да служи затворска казна за убиство на 18-годишна девојка, којашто ја силувал и ја задавил со нејзиниот сопствен прслук. Додека бил во затвор почнал интензивно да пишува, вклучително и драма под наслов „Чистилиште“ во која користејќи ја Дантеовата идеја за просторот помеѓу рајот и пеколот, се исповеда со надеж за искупување.
При крајот на 1970 на австриската државна телевизија почнале да се прикажуваат драматизации на негови детски приказни. Подоцна ја искористил оваа можност низ расказите да презентира и наратив за своето детство - такво во кое копнеел по својата отсутна мајка и бил трауматизиран од убиството на својата тетка, сексуална работничка убиена од нејзиниот последен муштерија.
Унтервегер настапувал на телевизија со серија јавни читања од своите дела и полека создал цел кружок обожаватели во виенските книжевни кругови, каде идејата за рехабилитиран убиец им се видела атрактивна на тамошните интелектуалци. Помогнало и тоа што човекот бил згоден и шармантен.
Откако го отслужил минимумот од 15 години, почнала масовна кампања за да биде помилуван. Книжевноста наводно ги прочистила неговите насилни инстинкти, тврделе неговите подржувачи. Сега тој веќе не бил убиец, туку уметник.
Џек го напуштил затворот на 23 мај 1990 на возраст од 39 години. Набргу почнал да настапува на јавни настани и да се слика во провокативни пози за списанија и весници. Следната година три сексуални работнички од Виена биле брутално убиени, година дена подоцна уште една била најдена близу Грац.
Додека полицијата го барала убиецот, Унтервегер се вклучил во кампањата со текстови за случаите, во кои повикувал на безбедност за сексуалните работнички и го критикувал сензационалистичкиот пристап на новинарите. Интересно било што „оружјето“ со коешто се служел убиецот секогаш бил прслукот на жртвата.
Во исто време Унтервегер бил најмен од австриско списание да пишува за криминалот во Лос Анѓелес и да ги спореди ставовите кон проституцијата во Европа и САД. Во текот на неговиот службен престој таму, три сексуални работнички биле истепани, сексуално малтретирани и задавени...со нивните прслуци!
Ова конечно ја освестило полицијата, па кога се вратил од САД почнале да го следат. Кога се обиделе да го уапсат, тој и неговата девојка (која патем се викала Бјанка Мрак), избегале, за на крај да бидат фатени во Флорида. Унтервегер е обвинет за 11 убиства, од кои едно во Прага и три во ЛА, а бил осуден за девет. Психијатриската проценка презентирана на судењето била дека тој има нарцистичко нарушување.
По сослушувањето на пресудата - доживотен затвор без можност за помилување - истата вечер Унтервегер се убил со бесење. На јажето бил најден истиот специфичен јазол кој го имало и на прслуците на жртвите.