„Дрил“ е вид хип-хоп од 2010-тите, кој потекнува од Чикаго, често со насилни, мрачни и нихилистички текстови. Овој американски вид има и своја британска верзија од Брикстон, јужен Лондон, кои двајца социјални работници го користат за да ги поттикнат младите на критичко мислење.
Пред коронавирусот да ја стави цела Британија во карантин, писателот и социјален работник Сјаран Тапар и раперот-етномузиколог Мерјар Голестани (сценско име Ривил) воделе сопственa „инклузивнa образовна програма“ под име Roadworks, која комбинира филозофски теми со музика. За да нема прекин додека трае пандемијата, тие снимиле шест онлајн епизоди, во кои преку најпопуларните британски рапови се обидуваат да објаснат важни филозофски концепти.
Првата епизода носи наслов „Пештерата на Скенгдо“ и се однесува на Платоновата пештера - метафора за менталната слобода и перцепцијата на реалноста. Песната која е земена за илустрација е на јужнолондонското дрил дуо Скенгдо х АМ. На овој начин авторите се надеваат дека ќе им ја приближат филозофијата до оние „кои не обрнуваат внимание на нивниот наставник на Зум“.
За оние на кои им е познат Платон, ова е обратна добра можност - да се запознаат со жанр кој е демонизиран и цензуриран од британските власти, иако насилството за коешто се зборува во песните е реалност на голем број тинејџери. Игнорирањето на овие стихови, според авторите на видео серијата, значи одрекување на она што тие го гледаат околу себе секојдневно.
Други епизоди во серијата ќе се однесуваат, меѓу другото, на Аристотеловиот концепт на катарза, или на врската помеѓу англискиот филозоф Џереми Бентам и покривањето на лицата со балаклави што го прават голем број рапери. Видеата ќе бидат придружени со онлајн материјал и за родителите и за социјалните работници.