#СедиДома

Диксит предизвик: состави приказнa

„Диксит“ е популарна друштвена игра со карти, чии илустрации поттикнуваат асоцијации и инспирираат раскажување приказни. Даваме награда за првите тројца кои ќе ни испратат свои. Но пишувајте и за ќеф, онака.

Диксит (Dixit) е друштвена игра за 3-6 учесници (за возраст 8+), прв пат издадена во 2008, која во 2010 беше прогласена за Игра на годината. Таа според официјалните правила би требало да трае 30 минути. Ама тоа е ако ви се погодат соиграчи кои се кратки и отсечни во своите асоцијации. Всушност, вистинската смисла доаѓа до израз кога ќе почнат да се плетат подолги приказни врз основа на секоја од прекрасно илустрираните карти во оригиналното пакување, плус дополнителните шпилови (тн. „експеншн пек“) кои се продаваат одделно. Така играта може да трае со саати...

Целта е да се погоди за која карта од неколкуте понудени раскажува „раскажувачот“. Притоа, иако секоја илустрација е различна, излегува дека голем дел од нив можат да се толкуваат на ист начин, особено ако станува збор за многу општи чувства како љубов, слобода, тага и сл. Преку индивидуалните претпоставки на секој од играчите некогаш се насетува не само нивниот сензибилитет, туку и моменталното расположение.

Почнуваме предизвик: врз основа на една од овие 10 карти кои ги одбравме од купот (осумте горе и двете долу) составете своја приказна. Дури и не мора да сте ја играле Диксит - едноставно погледнете ги, одберете, и запишете ја приказната која ќе ви дојде. Како за пример нудиме две наши.

Првите тројца кои ќе испратат приказна во коментар тука ќе добијат подарок - македонскиот превод на „Чума“ од Алберт Ками во издание на „Слово“.

СРЦЕ (слика лево)

Го вклучи „Крчкото“ уште од пладне. До смрачување веќе целиот стан мирисаше на варено месо. Гарнирот – „царската мешавина“ од морков, брокула и карфиол – ја остави за крај. Со посебна возбуда го очекуваше овој 15 март, точно една година откако се запознаа.  Нешто пред седум се дотера и ги отвори прозорците за да излуфтира. Во осум уште го немаше.  Во девет и пол почна да паничи. До десет веќе неколку пати го бараше, телефонот му беше исклучен. На полноќ сфати дека нема намера да дојде.

На масата, покриено со ѕвоно, стоеше нејзиното срце, варено осум часа, на тивко. Од неговата топлина на внатрешната страна на стаклото кондензираа капки, како солзи.

До утрото тоа веќе беше камен студено. А таа мртва, и ладна.

****

ЧОВЕКОТ ОД ЗБОР (слика десно)

„Можам да видам на часовникот, не кревајќи ја раката од левата рачка на моторот, дека е осум и пол наутро“.

“Σὰ βγεῖς στὸν πηγαιμὸ γιὰ τὴν Ἰθάκη,

νὰ εὔχεσαι νά ῾ναι μακρὺς ὁ δρόμος,

γεμάτος περιπέτειες, γεμάτος γνώσεις.”

„Таму крмарите кога среде луња ја држеа таа руда се чувствуваа како Татарот кога за вилици си го стега пламениот пастув за да го скроти. Благороден брод, но некако крајно сетен! Секоја благородна ствар допрена е од сета.“

 “3 tbsp unsalted butter, 3 tbsp cane sugar, ¼ tsp smoked salt, 900 ml boiling water, 3 ½ Assam tea leaves, 120 ml whipped cream, to serve”

Беше составен од сето она што некогаш го прочитал. Зборовите се лепеа за него како велкро. Како сируп за сок на растворање. Како муви на мрша. Веќе и не знаеше дали има свои мисли, или секоја од нив е цитат, референца, користена литература. Дали некој може да мисли на нешто необременет од туѓите мисли? Има ли збор кој не е „извалкан“, како чергиче од кое бројни минувачи ги исчистиле своите чевли, и врз кое мачките ги испрскале своите феромони?

Една вечер, среде голема бура, излезе на улица, таков, целиот облепен во хартиите кои му го покриваа телото од глава до петици. Сакаше да ги намокри, мастилото да се растече, зборовите да ги снема. Силниот ветар ги кинеше парчињата од неговото тело, под кое конечно конечно почна да се наѕира кожа. Кога се прибра дома беше сосема накиснат и речиси гол. Само на едно хартивче, останато залепено на срамните влакна, пишуваше:

“Apsorber vlage iz vazduha koristite za sprecavanje nastajanja budzavosti i zadrzavanje vlage u prostorijama u kojima drzite knjige ili druge vredne stvari.”

Илина, Букбокс

Играта Диксит, со упатство на македонски, може да ја набавите тука (работат и со достава)

16 март 2020 - 20:04