Дежуловиќ е дојден како почесен претседател на наградата за медиуми Жан Моне, по покана на Делегацијата на ЕУ и ЕУ инфо центарот, а програмата (целата подолу) меѓу другото предвидува предавање за студенти по новинарство и промоција на „Во потрага по загубеното време", неговата збирка колумни на македонски.
Оние кои ги познаваат неговите лик и дело, од легендарниот Ферал Трибјун па наваму, знаат за каков јак лик станува збор. За оние пак кои сè уште не се сигурни што толку креваме џева, еве негов најнов текст, кој содржи најмалку два од неговите стандардни квалитети - хуманоста и бескомпромисноста. Дури и да сте заборавиле на киднапирањето во Штрпци од 1993, ќе ја сфатите пораката, за важноста на Оној кој не може да премолчи и да гледа во своите калливи чевли, додека се случува злосторство. И, исто како и Дежуловиќ, е еден на илјада.
ЕДЕН ОД ИЛЈАДА
Беше тоа, имено, сосема интерна работа помеѓу Србите и Босанците, како што е нивна и денес, кога обвинителствата на Србија и БиХ на новинарите им даваат изјави за спектакуларната заедничка акција, сограѓаните и семејствата на злосторниците протестираат заради аспењата, а семејствата на дамнешните бошњачки жртви пристигнуваат на тажниот дочек на правдата. Како што на залудни дочеци се собираат сиве овие години, во малиот град Пријепоље на југот на Србија, местото каде 19-те убиени никогаш не стигнаа. И последниов февруари, на годишнината на киднапирањето, се собраа таму угледници од босанските здруженија и членови на семејствата, се помолија за своите татковци, браќата и синовите, и - како и секоја година, во Дрина фрлија осумнаесет ружи.
Да, имаше 18 ружи за 19 жртви: за една од нив немаше ни ружа ни молитва.
Томо Бузов имено, бил статистички Хрват, од Рудине во Каштел Нови, од големиот и познат род на Бузови. Таму, меѓутоа, слабо го памтат: како капетан од прва класа во онаа војска, во Нов Белград ја дочекал и пензијата и војната. Имал 53 години и син Дарко на отслужување на воениот рок во Црна Гора, во Подгорица. Таму и се беше упатил, да го посети синот, кога во сабота 27. февруари 1993 во десет наутро седна во возот 671, во популарниот Ловќен, на линијата Белград-Бар.
Уште на поаѓање возот доцнеше еден час, затоа што по станицата и во вагоните се меткаа полицајци и некои вооружени мажи во маскирни униформи. Следните неколку часа полицајците ги поминуваа купеата заедно со кондуктерот, кој од секој од 1000-те патници, колку што ги имаше во возот, бараше патна и лична карта. Никогаш со картата не се барало и лична карта - со шепот се чудеа патниците, а полицијата ги смируваше со објаснување дека „се појавил некој шверц".
Неколку минути пред четири попладне возот со чкрипење застана во Штрпци, единствената станица на сите 476 километри славната српско-црногорска пруга, која се наоѓа во Босна и Херцеговина. Мала е таа станица, никогаш тука не застанал Ловќен, па нелагодноста и стравот брзо ги исполнија задушливите, затворени купеа. Потоа од подалечните вагони се слушнаа гласови и запомагања, остар машки глас извикуваше бошњачки презимиња, и не мина долго време а патниците во возот сфатија што се случува.
Илјада патници уплашено гледаа во сопствените калливи чевли, плашејќи се и да ѕирнат низ прозорците на станицата, каде изнесените Босанци ги постројуваа крај камион со зелена церада. Само од време на време некои се охрабруваа па довикнуваа: „Водете ги, стрелајте ги!"
Можел да премолчи и пензионираниот офицер, Томо Бузов од Каштел. Само да преќутеше, да се задлабочеше во весниците или да се правеше дека дреме, да гледаше во своите калливи чевли и во својата работа - а имаше свои попаметни работи, на едниот крај на пругата сопруга, а на другиот синот - за неколку минути локомотивата би тргнала и малата станица Штрпци засекогаш би останала зад замрзнатото стакло на прозорецот на купето. Само ете, да молчеше како останатите илјада патници во возот 671. Но не можеше. Стана конечно од своето седиште и гласно извика: „Застанете, луѓе, што правите?! Има ли во оваа земја закон?"
Беше тоа - и тогаш било јасно, а камоли денес - сосема луда, бесмислена реакција. Не бил тоа пркосен, херојски гест: само човечки, значи луд и бесмислен. Знаел тој, како и останатите илјада патници, дека не може ништо да спречи, ништо да смени, и никого да спаси. Ниту еден збор на пензионер не можел да биде посилен од трисетина вооружени полицајци и војници: тоа било посилно само од него.
Така Каштеланинот Томо Бузов, наместо на портата на подгоричкиот гарнизон, во посета на синот Дарко, таа сабота се најде во камион со осумнаесет Босанци, кои припадниците на паравоената група Осветници од Вишеград ги однесоа во село Прелово крај Вишеград. Во салата за физичко на основното училиште сурово е мачен и претепан, пред да му дојде редот да влезе во една гаража, каде го чекаше водачот на Осветниците, Милан Лукиќ. Без молитва и ружа.
Сопругата Ковиљка и синот Дарко никогаш не го закопаа Тома. Од 19 жртви на киднапирањето во Штрпци, идентификувани се и погребани само три, пронајдени подоцна во езерото Перучац.
Сите останати, меѓутоа, во комеморациите во Пријепоље имаат своја множина, како што своја множина на демонстрациите во Вишеград имаат и убијците, и како што своја множина во возот 671 имале илјада патници загледани во сопствените калливи чевли.
Само Томо Бузов нема множина и никому не му е гајле за него. Иако бил жртва, нема за него молитви и ружи на поменот на убиените: што се однесува до нив, тој не бил статистички Бошњак. Иако не бил тоа, иако бил офицер на ЈНА на пат во посета на синот во истата таа војска, не го памтат ни неговата последна татковина, ни неговата некогашна војска: што се однесува до нив, бил статистички Хрват. Иако бил статистички Хрват, Каштеланин, не го памтат ни Хрватска ни Каштел Нови: што се однесува до нив, бил издајник.
Го памтат, ете, само по некој од тие илјада сопатници од возот 671 на линијата Белград-Бар, сведоци кои на суд се сетија на човекот кој не можеше да молчи. А нема статистички помалубројно малцинство, нема поголема еднина и пострашна самотија од онаа во која не може да се молчи. Малкумина ги има такви, статистички еден на илјада. Како заборавениот Каштеланин Томо Бузов, човекот кој не можеше да молчи. Еден на илјада.
***
ПРОГРАМА
EУ Инфо Центар
Вторник, 16 декември
Прес конференција: Објавување на добитниците на награди на конкурсот Жан Моне за 2014
14:00 – 14:05 Краток вовед од модераторот
Kонстантин ЈОВАНОВСКИ
14:05 – 14:10 Поздравно обраќање
H.E. Aиво ОРАВ, EУ Амбасадор
14:10 – 14:15 Кратко обраќање на почесниот претседател на жирито за наградата "Жан Моне"
Борис Дежуловиќ, новинар и колумнист „Глобус", почесен претседател на жирито
14:15 – 14:25 Објавување на победниците, доделување на наградите и кратко обраќање на победниците:
Доделување на наградите за најдобра аматерска фотографија
H.E. Aиво ОРАВ, EУ Амбасадор
Доделување на наградите за најдобра професионална фотографија
H.E. Aиво ОРАВ, EУ Амбасадор
Доделување на наградите за најдобар новинарски натпис
Борис ДЕЖУЛОВИЌ, почесен претседател на жирито
Доделување на наградата за најдобра статуета Жан Моне на Филип Ивановски, студент на Факултетот за уметност
H.E. Aиво ОРАВ, EУ Амбасадор
Затворање на прес конференцијата и покана да се посети изложбата и коктел
Среда, 17 декември
EУ Инфо Центар
10:30 – 11:00 Предавање за студенти на Борис Дежуловиќ: „Етика во новинарството – јавен интерес, регулирање на пазарот, одговорно новинарство и медиуми на кои може да им се верува"
11:00 – 11:45 Дискусија
Неформална дискусија со уредници, новинари, писатели и граѓани
19:30 – 21:00
Борис ДЕЖУЛОВИЌ
Модератор: Валентин Нешовски
Промоција на книгата „Во потрага по загубеното време" од Борис Дежуловиќ
21:00 – 22:00
Mодератор Сашо Мацановски – TРЕНДО
* Книгата на Дежуловиќ „Во потрага по загубеното време" во издание на Табахон оваа недела може да се купи со попуст во Или-или, Култура и Табернакул.