„Во потрага по загубеното време“ се состои од есеи специјално одбрани за македонското издание. Напишани се во последните петнаесетина години, а Дежуловиќ ги има објавувано во речиси сите поголеми весници низ цела бивша Југославија.
Некои од текстовите смеат до солзи, други прават кнедла во грло, трети опоменуваат. Тие се всушност материјал за една алтернативна, политичка и емотивна историја на регионот. Насловот на збирката го следи стилот на неговите претходно објавени збирки во Хрватска, Србија и Словенија, направени според антологиски книжевни дела: „Злосторство и казна", „Црвено и црно" и „Војна и мир".
На некогашниот Ден на младоста, пренесуваме еден од според нас најдобрите текстови на Дежуловиќ воопшто, за пловечката дигалка-џин со симболично име Вели Јоже, која откако завршува на отпад, станува симбол на сè што можело да се спаси, и да нè извлече од дното. Без него не остана никој „ко би нас извук’а“.
ЛЕГЕНДА ЗА ЈАДРАНСКИОТ ШРЕК
Некогаш одамна, во оние години што денес не се споменуваат, како мал, од потполно нејасни причини на радио ја следев култната Поморска вечер на Јадран Маринковиќ, слушајќи непознати некои жени и деца како ги поздравуваат своите мажи и татковци во Момбаса, Казабланка или некаде на Пацификот. Во Слободна Далмација, пак, редовно ја читав страницата со бродостојот на југословенските флоти, нешто што нашите весници ги разликуваше од сите други: со ситни оловни букви, во рубриките поделени по бродски компании, пишуваше дека bulk carrier Херцеговина на Атлантска пловидба од Дубровник во моментот се наоѓа во Буенос Аирес, Марибор Сплошне пловидбе Пиран на товарење во Сингапур, а старата Југотанкерова Лендава во Новоросијск. Беше страшно возбудливо да се патува така по светот, се чувствуваше од тие страници миризбата на солена 'рѓа, и звукот на океанот, и тешките мириси на врела машина, и далечниот африкански брујет (вид чорба со неколку вида риба – заб. прев.), и цивкањето на пристанишните дигалки на сите јазици во светот.
Тоа беше во времето кога нашите татковци градеа бродови и пловеа на нив, кога Далмација беше многу поблиску до морето отколку денес, а јунаците на митологијата на далматинските детства беа бродови – од величествени танкери од сплитското бродоградилиште, за кои се зборуваше дека им нема рамни од Русија до Америка, или легендарниот траект Еро, за кој се тврдеше дека е постар дури и од оној несреќен крокодил во сплитската Зоолошка градина, или славната царска јахта Истранка, која го возела на последното патување за Босна преку Метковиќ престолонаследникот Фердинанд и која ден подоцна му го пренесе телото во Пула, за шеесет години подоцна да биде врзана среде сплитската Рива како брод-крчма за пијаници и средношколци.
Па сепак, најславниот од сите морски херои воопшто не беше брод и ги немаше оние складни линии што ги красеа хоризонтите на јадранските разгледници и календарите на сплитското бродоградилиште. Тоа всушност беше еден голем, грд зелен остров од челик, кој на своите за'рѓани брегови наместо палми носеше четириесет метри висок кран – токму како големото парче валкано северно пристаниште заедно со огромната дигалка да се издвоило од копното, како арктичка санта мраз, и испловило по свој пат, кон морската шир.
Уште за време на животот, меѓутоа, постоеше тој грд горостас, најопеан херој во целата историја на Јадранско Море, од древните кораби на либурнските гусари до конфекциските мегајахти на руските олигарси: повеќе легенди се имаат собрано околу неговите крми отколку што ги памти гордиот Титов Галеб. Неговото име го знаеше секој што барем три дена во животот читал Слободна Далмација, затоа што никогаш немаа минато повеќе од три дена, а весникот да не запише нов подвиг на најголемиот и најсилен брод-дигалка. Се викаше Вели Јоже.
Изграден во Ротердам пред точно шеесет години, во време кога морските компании не носеле ни имиња на народни херои, ни имиња на сопственици, туку точно по името се знаело што работи нечиј татко кога работи во Бродоспас. Никогаш ни пред ни потоа не бев чул некоја фирма да се вика така убаво, романтично и херојски како Бродоспас. Па така и новата Бродоспасова пловечка дигалка, гордост на повоеното и преттуристичко поморство – тогаш па сè до денес најголема и најсилна на целиот Јадран – го добила името за кое не треба препрашување, според јунакот на истарската митологија и училишна лектира, нашиот Шрек, добриот Назоров мотовунски џин.
Оние што го имале видено Вели Јоже како е довлечкан од Ротердам, зборуваа дека со неговиот огромен кран со продолжена рака тој може цел насукан брод од триста тони да крене во воздух и повторно да го спушти во море, и дека може да крене три дизелски локомотиви на триесет и пет метри висина. Оние поглупавите потоа прашуваа што бараат три дизел-локомотиви на висина од триесет и пет метри, а оние поразумните вртеа со главите и велеа дека тоа е будалштина и дека не постои пловечка дигалка што може траектот Еро да го крене во воздух.
Светската слава Вели Јоже ја дофати веќе во 1957, по израелско-египетската војна за Суец, кога славниот канал требало да се расчисти од многубројните бродски скапаници. Работата му е доверена на Бродоспас, а посилниот Вели Јоже потопените булдожери, багери, реморкери и другиот крш од Суецкиот канал ги вадел со леснотија, онака како што Слободан Папарела Папе околу Ластово вади анасон. Обединетите народи ги одликувале со плакети и челичниот џин и неговиот екипаж, и така почнала легендата за Вели Јоже.
Велат дека за шеесет години од морските длабочини извлекол две илјади брода. Од Јадранот извадил безброен крш заостанат од двете светски војни, кревал насукани бродови и потонати тешки машини од медитеранските и персиските заливи, го вадел големиот танкер Лиусу од дното на иранското пристаниште Бандар Машур кога никој не го можел тоа, ги спасил Корнати од зломитскиот италијански танкер Бриџит Монтанари, кој со 1.300 тони канцероген винил-хлорид-мономер три години лежеше на дното на морето пред Вели Јоже да им одговори на тажните повици на каприските рибари, кои тогаш пееја: „Ој Брижито, што нам зада мука, имал' неко ко би те извука?".
Имаше на стотина такви брода и маки, но секогаш само еден „ко би их извука". А Вели Јоже не ги извлекуваше само потонатите браќа: беше тука и кога се градеше Јадранската магистрала, и кога над далматинските фјордови се градеа мостови, и кога заглавените бетонски профили на нивните лакови требаше да се креваат на педесет метри висина. Беше тука и кога требаше да се монтираат нафтени платформи, и кога требаше на бродовите да се качуваат триста тони тешки генератори за нуклеарни централи, го викаа Јоже од шпански Алмараз до египетска Александрија. Беше тука и кога за време на оваа војна, под плаштот на ноќта, требаше од морето да се извади потопениот брод на Југословенската воена морнарица, и кога требаше некој доволно јак за во морето на Масленичкиот теснец Ждрил да ги спушти тешките сидра за понтонски мост.
Потоа дојдоа некои зли времиња, кога спасувањето на бродовите почна да се смета со профит, и кога времето додека џиновите се одмораат се мери како деловна загуба. Фабриките добија нови сопственици, сопствениците вработија менаџери, а менаџерите ги отпуштија џиновите. Вели Јоже се насука како кит во сплитското воено пристаниште Лора, од каде што уште одвреме-навреме го викаа дебелите нови газди за да им гради заливи за скапите јахти. Последниот ангажман на легендарниот Вели Јоже ќе биде такво ставање огромни камења за една марина во Каштел, каде што своите јажиња ќе ги фрлат пластични бродови на хрватски хохштаплери и руски олигарси, грди, големи бели острови со џакузи-кади, позлатени огради, вештачки жени и панамски знамиња – нови херои на Јадранско Море.
Уморниот зелен џин е исфрлен потоа од Лора како куче, за да скине крај ремонтното бродоградилиште на НЦП во Шибеник, каде што сопственикот на калкулатор на својот мобилен пресмета дека стариот социјалистички Шрек само бескорисно му го зазема просторот на пристаништето. Шеесет години откако од Ротердам е дочекан онака како што граѓаните на Метрополис го дочекувале Супермен, добриот дух на Јадран тивко, за никој да не го чуе, конечно е осуден на смрт.
Минатата среда работниците на шибенското Ремонтно бродоградилиште почнаа да ги демонтираат оние делови од конструкцијата што не се за старо железо, а прекутре, в понеделник, ќе почнат да ги режат неговиот величествен кран и огромен труп. За седумстотини тони челик од Вели Јоже сопственикот ќе добие бедни стотина илјади евра, колку што чини еден резервоар за нафта за носачите на манекенки што денес крстосуваат по Јадранско Море. И кои веќе нема да има кој да ги вади кога утре ќе пеат: „Мегајахто, што нам зада мука..."
Онака како што Назоровиот Вели Јоже пред стотина години беше метафора за ослободување на џиновите од туѓинска власт, така и оваа приказна е метафора на нејзиното време: силните тони железо од славниот брод–дигалка нема да завршат во Сплитската железарница – затоа што Сплитската железарница веќе не работи – туку некаде во некој италијански крематориум на морски џинови.
Од Вели Јоже нема да остане ништо освен легенда. Легенда за брод што некогаш одамна кревал џиновски делови на оној славен Фелиниев Рекс, гордоста на фашистичка Италија, кој во Амаркорд цел Римини го чека на копно, токму како што некогаш го чекале Вели Јоже, и кој по Втората светска војна насукан лежел во морето крај Изола.
Буквите од прамецот на Рекс и денес стојат како атракција изложени во Воено-поморскиот музеј во Сплит, таму каде што утре нема да го најдете, затоа што никој не ни барал, ни буквите од прамецот, ни оние славни пропелери, ни сидрото, ниедна вида, ниедно парче од добриот зелен џин за утре да им го покажат на клинците и да кажат: тоа е најславниот суперхерој во целата историја на нашето море, толку силен што триста тони тешката мегајахта на Бил Гејтс што денес ја видовте во пристаништето можел да ја крене на триесет и пет метри висина.
Оние поглупавите би прашале што бара јахтата на Бил Гејтс на триесет и пет метри висина, а оние поразумните би вртеле со главите и би велеле дека тоа е будалштина и дека никогаш не постоело такво нешто, затоа што ако било можно тоа, никој паметен не ќе ја исечел за старо железо дигалката што може да ја крене јахтата на Бил Гејтс.
А јас сè нешто момчешки се надевам дека утре на Вели Јоже на доковите на шибенската Мандалина ќе му се причини гласот на Назоровиот галеот Илија, како му „сипе повторно во лице искри и жарови" и му вика „Оди си од тука!", дека „ќе почувствува одеднаш бура во крвта и немир во градите", и дека горостасниот негов мотовунски имењак ќе побегне од сечилиштето далеку преку морето. Дека ќе се оттргне од дребонзите и пристаништето и ќе исчезне на хоризонтот, што подалеку од разгоропадените брегови и налицканите бродови на кои веќе не им е потребен. Па ќе лебди по океаните како парче копно откачено од матичното пристаниште, како голем зелен остров со величествен кран наместо палма, да ги спасува оние што не знаат да пловат по бура, но знаат да кажат „благодарам".
Па ја прелистувам така Слободна Далмација со извештаите за сообраќајот на бродовите и некаде при дното на страницата со ситни оловни букви читам „бродот-дигалка Вели Јоже, матично пристаниште непознато, сопственост непозната, во моментов во африканското пристаниште Сафари". Што би рекле Пишоња и Жуга – „збогом жохари".