Кога Хелена Валеро, после 19 години живот - не по своја волја - со племето Јаномамо, успеала да избега со своите синови, немала скршена пара. Во таа 1956 година Јужна Америка генерално не била богата, и никој не сакал да ѝ помогне, па таа го поминала тешкиот пат на самохрана мајка.
А можело да биде поинаку, доколку академската заедница на време го препознаела нејзиниот талент, да сведочи за животот на заедницата која ја киднапирала на возраст од 11 години, во 1937. Тогаш бразилскиот фамер Карлос Валеро, неговата жена и трите деца, со кану тргнале долж река близу венецуелската граница до фармата на шурата за да помогнат во расчистување на шума. Одеднаш биле нападнати од домородните Индијанци, а најстарото дете, Хелена, било рането и киднапирано.
Споредено со описот на истото племе од страна на многу поизвиканиот (при крајот на животот и крајно контроверзен) Наполеон Шањон (за него претходно види тука), оној на Хелена бил уште понасилен и хаотичен. Ова е разбирливо - Шањон не посетил дотогаш неконтактирани племиња, а бил дојден меѓу другото со торби полни стока за размена. На почетокот на својата прва книга за Јаномамо, тој раскажува дека кога прв пат пристигнал не планирал да остане долго. Го сменил мислењето кога ги запознал околностите и луѓето, бидејќи сфатил дека тоа му е можност да го проучува цивилизацискиот процес во текот на неговото случување.
Валеро не проучувала никаков „цивилизациски“ процес. Таа го забележувала животот, онаков каков што веројатно бил од почетокот на времето. Освен тоа, разликата е и хронолошка. Шањон можел да ги проучува Јаномамо од 1960-тите до 1990-тите бидејќи тогаш тие веќе биле колку-толку мирољубиви. Валеро била киднапирана од нив во 1930-тите, кога нештата биле многу понасилни. Антрополозите сепак не се осудуваат да одат на места кои се преопасни, a Хелена живеела точно среде таквата опасност.
Во текот на повеќе од 20 години, таа се омажила два пати и имала четири деца. Првиот сопруг ѝ бил убиен, а плашејќи се од неговите непријатели таа се преселила во далечна заедница и повторно се омажила. Вториот сопруг бил насилен и таа пак избегала сама, преку џунглата, земајќи ги со себе и децата. Но кога се сретнала со татко ѝ и браќата, тие не сакале да ја прифатат, па се вратила да живее близу мисија на работ на територијата на Јаномамо. Таму била интервјуирана од италијанскиот паразитолог Еторе Бјока во раните 1960-ти. Интересот на Бјока бил научен, но тој ја сфатил важноста на приказната на Хелена и одлучил да ја сними и подоцна да ја објави.
И покрај долгиот период во кој живеела со заедницата, таа секогаш била сметана за аутсајдер - „белата жена“ (иако не била бела, туку мешана). Имало и други киднапирани како неа, некои се здобиле и со висок статус како сопруги на поглавици, но повеќето живееле во сиромаштија.
Иако деталните описи на епизоди од нејзиниот живот извадени од книгата на спомнатиот Еторе Бјока (два пати објавена на англиски, последен пат во 1996) се навистина потресни, за историјата на антропологијата најтажно е она што се случило по нејзиното враќање во „цивилизацијата“. Тоа е дека никој, освен спомнатиот Бјока, не се сетил нејзиното знаење од прва рака да го искористи за проверка на она што го пишувал Шањон, а што главно се состоело од лажни информации. Неговите соговорници го мамеле и кажувале безобразни зборови на јазикот јаномамо наместо вистинските имиња на луѓето. Некој како Хелена можела да му помогне да ги одбегне ваквите грешки. Не се знае кога починала, но со неа заминала ризница корисни информации. Изданието од 1996 вели дека таа уште била жива таа година, иако слепа и живеела со своите деца на безбедна дистанца од своето некогашно племе.