Семјуел Тејлор Колриџ ја напишал својата славна песна „Кублај Кан“ по интензивен сон предизвикан од лауданум. Поетесата Елизабет Барет Браунинг ја земала оваа супстанца секојдневно и без неа не можела да функционира. Славната математичарка и ќерка на Лорд Бајрон, Ада Лавлејс, изјавувала дека лауданумот го смирува нејзиниот прекумерно активен ум. Фактот дека голем број писатели и уметници од Викторијанското доба го користеле она на „л“ е јасен, но што содржела таа а им делувало поттикнувачки на креативците?
Опиумот бил познат од 3400-тата пред наша ера, кога Сумерите оставиле прв пишан документ за оваа дрога. Моќта на опиумот да ја скроти болката а притоа неговиот корисник да остане функционален значело дека таа се користела и за ментални и за физички нарушувања.
Лауданумот бил создаден во 16 век, од алхемичарот Парацелзус, кој му го дал и името, кое е од латински и значи „нешто што треба да се слави“. Станувало збор за тинктура од опиум со алкохол. До 17 век, лекарот и медицински пионер Томас Сајдеам го поедноставил и го стандардизирал рецептот, рекламирајќи го како „лек за сè“. Денес, зборот „лауданум“ се однесува на каква и да е алкохолна тинктура на опиумот.
До почетокот на 19 век ова на „л“ било широко распростратено. Можело да се купи по кафани, берберници, аптеки, дури и во продавници за бонбони. Бил поевтин од алкохолот, што значи дека бил достапен за сите класи. Го препишувале за сè и сешто, од бебешки грчеви, до главоболки, ревматизам, дијареа, меланхолија и „женски проблеми“.
Во викторијанска Англија тој бил масовно користен како лек, но како резултат на тоа голем број писатели, поети и уметници (како и „обични“ луѓе) се навлекле на него. Брам Стокер, Чарлс Дикенс, Лорд Бајрон, Перси Шели и голем број други користеле лауданум, фалејќи ги неговите својства да ја прошири имагинацијата.
Ова е ерата пред аспиринот, пред антидепресивите или пред ефикасните апчиња за спиење. Но како што почнале да се појавуваат негативни ефекти - на пример еуфорија следена со нагли падови во расположението, потење и генерална вознемиреност, станало јасно дека дрогата треба да биде подобро регулирана.
До 1868 таа можела да биде продавана само од страна на лиценцирани аптекари во Англија а тие требало да укажуваат дека станува збор генерално за отров. Во 1899, еден многу побезбеден аналгетик - чист аспирин - го означил почетокот на нова ера на подобро регулирани лекарства.