Poetry magazine е oснован во 1912, и има брилијантно портфолио кое ги содржи најголемите американски поети, но истовремено е заслужно за промовирање на поети од неанглиското подрачје (како Рабиндранат Тагоре, пред да ја добие Нобеловата). Се смета за најстар месечник посветен на поезијата на англиски јазик.
Но февруарското издание на списанието предизвика малку поинаква џева. Неговата тема е „Практикување слобода“, а гостите-уредници се поети, активисти и просветни работници во затвори. Изданието вклучува дела на луѓе кои биле или се уште се осудени, на нивните семејства и на оние кои работат во казнено-поправни установи. Ова значи дека најголемиот дел од објавените дела се на поединци кои веќе биле судени и казнети, но уредниците не навлегувале во тоа што точно е нивното кривично дело.
Токму така во списанието влегла песна од Кирк Несет, 63-годишен поранешен универзитетски професор по англиски, кој во 2015 признал вина за поседување и дистрибуција на детска порнографија. Бил осуден на 76 месеци во федерален затвор и ослободен оваа есен. Сега се води како сексуален прекршител во регистарот на Аризона.
Во моментот кога излезе бројот, оние кои преживеале сексуално насилство, адвокати на жртвите и читатели воопшто, почнаа кампања за отстранување на песната, а барањата беа упатени до Поетри Фаундејшн, издавачот на списанието. Почна да кружи и петиција во која се бараше не само отстранување туку и извинување кон „безгласните жртви на Несет, кон читателите и претплатниците, како и кон жртвите на сексуално насилство насекаде“. Петицијата ја потпишаа 1600 луѓе за една недела.
Уредниците им одговорија љубезно на критичарите, но не ја тргнаа песната. Тие и издавачот изјавија дека самиот факт што конкретниот број на списанието било посветено на затвореници, подразбирало дека ќе стане збор за поети кои им наштетиле на други на некој начин. Но дека тие немале намера да бидат судии, а таквиот став би бил и контрадикторен со практиките на слобода за кои тие се залагаат.
Меѓу најгласните во одбрана на уредниците на Твитер беше моменталниот уредник за поезија на Њујорк Тајмс, Реџиналд Двен Бетс, кој учествувал во грабнување автомобил на 16 години, бил осуден на осум години затвор, за потоа да заврши право на Јеил и да стане наградуван автор. „Дали Поетри магазин може да објавува убијци? Крадци на автомобили? Силувачи? Каде е линијата после која не смееш да објавиш песна? Ве молам информирајте ме што е недозволено.“
Но други не се согласуваат. Сметаат дека списанието му дало „машка бела привилегија“ на Кирк, и дека станало „платформа за токсичност“. Привилегираноста доаѓа од таму што тој е професор на факултет и има книжевна репутација, така што не може да се смета за маргинализиран глас кој има потреба од промоција. Сепак, впечатокот е дека сите овие критичари всушност само кружат околу главниот проблем - а тоа е дека Несет не е „обичен“ убиец или крадец, туку дека е педофил. Тој пак тврди дека никогаш не ставил рака на дете, туку дека неговата вина се само порнографските материјали. На крај, никој всушност не зборуваше за неговата песна, која нема никаква врска со деца, туку само со штурци, птици и човечката душа.
Подетално за целиот случај тука