Секоја година почетокот на неделата на забранети книги (која во моментов е во тек, до 3. октомври) се најавува со некаква апсурдна реакција, обично на родител, кој смета дека лектирата на неговото дете е несоодветна за неговата возраст и бара истата да биде повлечена. Оваа година се прослави една мајка по име Џеки Симс, која смета дека нејзиниот 15-годишен син не треба да ја чита „Бесмртниот живот на Хенриета Лакс", книга на Ребека Склут од 2010, за сиромашна црна жена чиј рак на матка станува основа за медицински експерименти кои ѝ се вршат без нејзино знаење. Книгата е нашироко фалена заради прашањата кои ги допира - раса, етика, семејство - но Симс за локална ТВ станица изјавила дека таа е „порнографска".
Не помина многу време, сторијата ја покрија и Гардијан, и Салон, и Лос Анџелес Тајмс. Разбирливо е - секој нормален би се согласил дека порнографијата нема никаква врска со темата на книгата. И целата манифестација посветена на забранетите книги разбирливо привлекува симпатии, затоа што има добра намера, и ја водат „добрите" (наспроти „лошите" кои сакаат нешто да цензурираат). Но вистината е - во 2015 нема вистински забранета книга во САД.
Да „доведеш во прашање" некоја книга, како што направила мајката од горната сторија, според Американското здружение на библиотекари, се дефинира како „формална жалба во писмена форма, која се поднесува до библиотека или до училиште, во која се бара отстранување на одреден материјал заради неговата несоодветна содржина". Но колку и да звучи загрижувачко, ова е далеку од реална забрана.
Некогаш можните отстранувања на книги од библиотеките во САД било сериозно прашање, бидејќи ако некоја книга не сте можеле да ја најдете во нив (затоа што биле намерно тргнати заради „опсценост"), тогаш тешко дека ќе сте можеле да ја најдете на друго место. Но денес повеќето од нас имаат пристап до литература без преседан во историјата. Ако вашата локална библиотека не ви дава некоја книга, тоа не значи дека може да ве спречи сепак да ја прочитате.
Исто така реториката околу Неделата на забранети книги ја замаглува разликата помеѓу две важни нешта - „забраните" кои ги наметнуваат јавните библиотеки и (не)вклучувањето на одредена книга во наставната програма. Не е исто дали родител ќе го доведе под прашање присуството на некоја книга во списокот задолжителна литература (што би требало да е дел од разумната дискусија за јавното образование, дури и во ситуација кога барањата на некои родители се апсурдни), а друго е одредена книга воопшто да не се издава, никому, во одредена јавна библиотека. Второво е поблиску до дефиницијата на „забранета книга".
Но колку книги навистина се цензурирани во САД последниве години? Интерактивна мапа изработена од споменатото здружение покажува дека помеѓу 2007 и 2012 имало 27 случаи кои ги тангирале јавните библиотеки. Од нив само 4 резултирале со повлекување на книга од циркулација. Колку и да е ова загрижувачко (четири книги се сепак повеќе од нула), ова не е знак за систематска и масовна цензура.
Примерите пак на родители кои се бунат варираат од апсурдни до симпатични, но веројатно никого не изненадува дека во земја со 300 милиони луѓе ќе има и такви кои ќе се опседнат со своето право (кое ќе го сфатат и како обврска) да реагираат на сè и сешто, понекогаш и со право. Во такви случаи децата на „буначите" според училишната политика добиваат алтернативен текст. Значи, книгите сепак победуваат.