Човекот кој во затвор држел предавања за Пруст

Mинатата година излегоа ни помалку ни повеќе туку три книги на англиски, поврзани со еден подзаборавен полски уметник и дипломат, Јозеф Чапски (1896-1993). Неговиот живот е одлична илустрација за екстремите на европскиот 20 век.

Издолжената фигура на Joзеф Чапски во 1920-тите често можела да се забележи во интелектуалните салони на Европа, Русија и Северна Америка, каде тој се дружел со ликови како Гертруда Стајн, Пабло Пикасо, Андре Жид и Ана Ахматова. Низ годините, имал врски и со мажи и со жени, вклучително и со канадска богаташка, како и со помладиот брат на Владимир Набоков.

Роден во Прага во аристократско семејство, младиот гроф Хутен-Чапски зборувал германски со мајка си и француски со гувернантата. Кратко време студирал право во Санкт Петербург, пред да се пресели во новоформираната Полска за да стане уметник. Набргу ја отфрлил аристократската титула и го избришал германското презиме. Станал Јожио Чапски, а потоа се преселил во Париз со група сликари со кои живеел боемски живот. При првото враќање во Полска, околу 1930-тите, бил награден со прва самостојна изложба.

Изгледало дека неговата кариера допрва почнува, кога германските сили навлегле во Полска од запад, а Црвената армија од исток. Чапски се пријавил во војска и наскоро бил заробен од Советите. Неговите колеги-уметници и офицери во 1940 биле жртви на чистка, но тој успеал да избега и да се придружи на полската армија, со која преку Блискиот исток успеал да се врати на Медитеранот и конечно во Париз. Но неговата неспремност да се одлучи дали ќе биде космополит или националист го отуѓила и од западот, каде никогаш не бил целосно прифатен, и од сопствената татковина.

Нова книга под наслов „Загубено време: предавања за Пруст во советски логор“ нуди поглед во неговиот начин на размислување и дејствување во периодот од 1939-1940 додека бил воен затвореник. Чапски најпрвин направил детални белешки за предавања поврзани со антологиското дело на Пруст, а потоа и ги држел за да го одржи кревкиот морал на останатите затвореници. Притоа се потпирал исклучиво на своето сеќавање на делото, кое го читал во 1920-тите додека доаѓал на себе по раскинувањето со Сергеј Набоков.

И покрај убавата намера, необично е што Чапски бара филозофска утеха во дело напишано во време и во контекст кои воопшто не одговараат на оние во кои се нашол тој и неговите другари, и кое оттаму не може да биде навистина утешно. Сепак, она што Чапски тврдел дека помага на најбазично ниво била бесконечната љубопитност на Пруст, дури и за најмалите детали, неговата перцепција и сетилност, кои му биле инспирација дури и во моменти на екстремни физички маки.

По војната Чапски ја пишува „Нечовечна земја“ во која сведочи за своите искуства во спроведување истрага која требало да докаже дека Советите убиле илјадници Полјаци, особено припадници на интелигенцијата. Објавена во Франција, и тоа едвај, а долго време непреведена на англиски, и покрај интервенцијата на Орвел, оваа истрага прераснала во дипломатски проект, да се натераат земјите од двете страни на Железната завеса да ја слушнат неговата приказна, и да ја потврдат. И ова е многу пред Солженицин да го напише „Архипелагот Гулаг“ (1974) или Шаламов своите „Приказни од Колима“ (1978).

Модернистички сликар кој држи предавања за буржујски автори среде воен логор, бисексуален полски патриот, космполит, пацифистички писател за време на Студената војна, Чапски е потсетник за тоа колку е комплицирана историјата на Европа во 20 век, која не е така лесно да се сведе на „црвени“ и „оние други“.

Извор

12 февруари 2019 - 09:06