Една зима, додека скијал долж снежните ридови со децата од соседството, на 18-годишниот Ралф Семјуелсон му паднала на памет одлична идеја: „Ако може да се скија на снег, зошто не и на вода?“.
Тоа лето во 1922 Семјуелсон ги започнал своите обиди да стои на скии на езерото Пепин, недалеку од својата куќа во Лејк Сити, Минесота. По голем број обиди и грешки, на крајот успеал, и на тој начин се родил нов воден спорт.
Ова лето скијањето на вода полни 100 години, а луѓето од родниот град на Ралф сакаат да се обезбедат дека никој нема да го заборави неговиот придонес. Утре, 2 јули, во 4:11 по локално време - прецизниот момент кога пред еден век Семјуелсон се појавил на водата со скии зад бротчето на брат му, градските власти ќе откријат негова бронзена статуа во природна големина. Таа ќе биде лоцирана на брегот на езерото, а е направена од локално уметничко студио. „Сакаме луѓето да застанат и да направат селфи со Ралфи“, изјавиле од градот во кој се одржуваат и „Денови на скијањето на вода“, прослава на овој спорт кој вклучува шоу изведби на скијање, жива музика и други промотивни активности. Во блискиот град Вајт Бер отворена е и изложба „Мечки на даски: скијањето во Вајт Бер“, која исто така ја одбележува 100 годишнината од овој спорт.
Спомнувањето на даските се должи на тоа што Самуелсон најпрвин се обидел да скија на такви направени од борово дрво. Ги омекнал, а врвовите ги свиткал напред така за да личат на вистински скии. Стапалата ги прицврстил со кожни каиши, и набавил јаже од 30 метри, на кое нарачал да се направи мал железен прстен за да служи како рачка. Потоа експериментирал со различни пристапи - скиите да бидат на исто ниво со водата или под него. Но кога брат му ќе тргнел со бродот, тој почнувал да тоне. На крај се сетил врвовите на скиите да му бидат надвор од водата додека тој бил навален наназад, и тоа профункционирало. До денес, ова е позицијата која ја заземаат скијачите.
Секако, тој не застанал тука. Почнал да учи трикови на скии привлекувајќи голема публика на брегот на езерото. По некое време наплаќал и билет за своите неофицијални егзибиции а парите ги донирал на градот, кој пак ја плаќал за нафтата за чамецот.
За жал, неговата кариера била краткотрајна. Кoга си го повредил грбот во несреќа при градежен зафат во 1927, бил приморан да се откаже од спортот. Никогаш не заработил ништо, ниту пак доживеал слава од својот изум. Сепак, на јубилејот од неговиот прв успешен обид, конечно го добива заслуженото признание.