Шели Винтерс била американска актерка со богата кариера која траела седум децении. Добила Оскар за улога во „Дневникот на Ана Франк“ (1959) и „Парче синило“ (1965), а се појавувала и на телевизија, со најдолг стаж во ситкомот „Розен“.
Сепак, нејзините почетоци биле на театарската сцена. Дебитирала на Бродвеј во „Ноќ пред Божик“ во 1941. Тоа е истата година кога во САД со брод пристигнува Бертолд Брехт. Тој се обидува да најде работа во филмската индустрија, пишува драми и песни, но неговиот престој тука е период на стагнација и неостварени амбиции. Неговата „љубов“ со Америка завршува во 1947 кога е испрашуван од страна на „Комитетот за неамерикански активности“ кој истражувал потенцијална нелојалност и субверзивни активности на државни службеници, уметници и граѓани на САД со наводни врски со комунистите или фашистите. Следниот ден по испрашувањето ја напуштил Америка.
Анегдотата вели дека тој и Шели Винтерс се запознале во нејзиниот театар. Таа видела непознат човек, Германец, како се вртка низ салата, помагал на сцената, па помислила дека е чистач или некој од физичките работници. Слабо зборувал англиски и генерално изгледал лошо. Таа го однела кај своите родители, австро-унгарски Евреи кои зборувале германски, за тој да има со кого да размени збор. Многу години подоцна актерката со вчудоневиденост дознала дека тој човек бил Бертолд Брехт.
„Што ви кажа, ви објасни ли кој е, со што се занимава?“, ги прашала родителите. „Не зборуваше многу за себе. Само рече дека изработува накит за сиромашните“.