Облаците, за оние кои имаат време да зјапаат во нив, можат да менуваат форми, од такви на животни, смешни лица, бродови. Но од аспект на официјалната „облакологија“ секој од нив си има свое име и карактеристики - оние во форма на шеќерна волна, на пример, се викаат „цируси“, а оние кои кои изгледаат како куп мрачна измаглица се викаат „кумулонимбуси“.
Нивните денешни имиња, според британското Кралско метеоролошко здружение, ги должиме на извесен Лук Хауард, роден во Лондон во 1772. Најстаро дете на успешен бизнисмен, тој учел за хемичар пред да отвори своја фирма за продавање лекарства. Сепак, неговиот вистински интерес била токму метеорологијата.
Секако, тој не бил прв кој се обидел да ги објасни климатските промени. Уште во 340 година пне Аристотел го напишал трактатот „Метеорологика“, кој вклучувал теории за создавањето на дождот, облаците, градот, ветерот, молњите и ураганите. Но првата модерна студија датира од 1400-тите, па до моментот кога Хауард почнал да се занимава со овие теми проценувањето, па дури и предвидувањето на времето веќе била воспоставена дисциплина. Но сепак немало еден усогласен речник за видовите облаци.
Токму во такви услови се појавило делото на Хауард, „Есеј за модификација на облаците“. Објавено во 1803, тоа сугерирало номенклатури кои би биле „универзално прифатени од научниците и секако од сите писатели“. Очигледно неговата амбиција не била само научна, туку и поетска. А имал и цртачки амбиции, бидејќи секој вид облак го илустрирал со сопствени илустрации (слики горе).
Неговата систематизација се базира на три основни типа, цируси (од латински за локна, високи облаци), кумулуси (латински за купче, „пуфкасти“) и стратуси (широки, стабилни), и на нивни комбинации. Така со додавање на „нимбус“ (латински за облак) на кој и да од горните термини се означува дека се работи за облаци од кои се подготвува да падне дожд (на пример кумулонимбус - густ дождовен облак, или стратонимбус - сиво „ќебе“ од облак). Современата класификација на облаците во тропосферата се состои од десет генерички типови, кои потоа се подкласифицираат според надморската висина.
Мотивот на Хауард да се занимава со облаците бил настан кој се случил кога тој имал 11 години. Тогаш еруптирал вулканот Лаки на Исланд, што предизвикало ширење на огромни и токсични облаци. Тие убиле повеќе од половината од стоката на островот и предизвикала уништување на жетвата во Европа, како и суши во Африка и Индија. Се смета дека индиректно предизвикала смрт на повеќе од шест милиони луѓе, што ја прави една од најсмртоносните вулкански ерупции на сите времиња. Во Британија облаците од пепел биле толку густи што не можело да се плови, а небото постојано било нестабилно, со необично сончево црвенило и екстремни бури и електрични празнења.
11-годишниот Хауард бил фасциниран од она што се случува. Десетина години подоцна, врз основа на неговите тогаш веќе повеќегодишни истражувања, тој ја составил својата номенклатура, која се користи и денес. Taa низ годините инспирала и голем број поети и писатели, како големиот Гете, кој за секој од предложените видови облаци од страна на Хауард напишал посебна музичка поема.
Претходно: „Лебдечки светови“ - изложба посветена на облаците во уметноста