Музејот Леополд е еден од неколкуте сместени во „Квартот на музеите" - интересен архитектонски соживот на барокни и ултра-модерни згради, кои ја сочинуваат осмата најголема културна област во светот. Тој ја содржи збирката на колекционерот Рудолф Леополд од 5,000 дела кои во 1994 биле откупени за една третина од проценетата вредност од 500 милиони долари од страна на Владата на Австрија, која и го изградила овој музеј, прогласувајќи го Леополд за доживотен директор (човекот за жал починал во 2010, токму кога музејот бил отворен за јавноста). Постојаните поставки содржат дела на Шиле, Климт и Кокошка - Леополд бил заслужен особено за промоцијата на првиот, купувајќи ги неговите тогаш евтини актови, кои на времето биле сметани за порнографски.
А про по, годинава музејот привлече големо внимание со изложбата „Голи мажи" и отворениот ден за нудисти кои бесплатно можеа да ја посетат. Оваа која неа ја замени, посветена на облаците во уметноста, доаѓа како нејзин веројатно ненамерен контрапункт: после земното и телесното - небесното и етеричното, она кое според песната на Шели "исчезнува, но никогаш не умира".
Изложбата, која беше отворена на 22. март а ќе трае до 1. јули, има 12 „поглавја", меѓу кои „Пронаоѓање на облаците", „Облаците на импресионистите", „Облаците како орнаменти", „Индустриски облаци", „Бизарна убавина" и „Звучни облаци". Кураторите Тобијас Г. Натер и Франц Смола биле инспирирани од овие небесни тела кои лебдат помеѓу земјата и бескрајното „отаде" и нивното понекогаш невидливо присуство во уметничките дела на кои сепак им даваат тон - од идиличен, преку меланхоличен, до заканувачки и смртоносен.
Она по што оваа изложба е специфична сепак не е само фокусирањето на еден навидум банален метеролошки феномен кренат на ниво на стилска фигура, туку и начинот на кој што се прави, не само преку неговите визуелни претстави (во сликарството, скулптурата, инсталациите и новите медиуми) туку и во книжевноста и музиката. На влезот во секоја од просториите стојат испишани цитати кои се однесуваат на небото и облаците од славни дела на Шекспир, Рилке, Хомер, Музил или Кортасар, а во посебни витрини се изложени обвивки од плочи - од класика до хеви метал - кои содржат претстави на облаци. Некои од нив можете да ги слушнете и на слушалки, на пример Obscured by Clouds на Пинк Флојд или Tubular Bells на Мајк Олдфилд.
За да не ви ја раскажувам целата изложба, и овој текст да се претвори во каталог (кој патем на хартија има речиси 400 страници), еве некои од најинтересните изложени дела:
Во одделот со наслов „Светлосни слики", кои содржи примери на рана фотографија, има неколку на Гистав Ле Гре, еден од најголемите фотографски иноватори. Едно од неговите откритија се однесува токму на фотографирањето облаци. Во 19. век, кога било кога било речиси невозможно да се изработи квалитетна фотографија на морски песјаж, заради големата разлика во осветленоста помеѓу водата и небото, тој се досетил, и почнал да користи наместо еден, два негатива. Еве го резултатот - не е инстаграм.
Херберт Баер (1900), австриско-американски дизајнер, типограф, архитект и теоретичар, претставник на Баухаус и близок соработник на самиот Гропиус, освен што е познат по обидот за составување на универзален печатарски слог бил познат и како сликар, чии дела често содржат претстави на облаци, како на пример ова.
Одделите „Бизарна убавина" и „Индустриски облаци" содржат дела, главно фотографии, на облаци создадени од нуклеарни експлозии, такви кои излегуваат од фабрички оџаци или висат како тешки завеси над големите градови. Еден од видео проектите, на Александар Пономарев, уметник кој завршил и наутичко инженерство и долго време минал на руските подморници, е со наслов „Маја: загубениот остров" (2000). Пономарев ја убедил петата флота на руската морнарица да направи облак од чад околу островот Седиојатил во Баренцовото море и така толку да го камуфлира островот, што тој едноставно да исчезне, да стане „маја“ односно илузија.
Најзабавна од сите е сепак просторијата каде се сребрените облаци на Ворхол. Во соработка со инженерот Били Клувер, тој изработил перници од метализиран пластичен филм кои ги наполнил со хелиум и кои засилени со големи вентилатори летаат кон вас, понесувајќи ве сакале-нејќеле да ги бркате и ловите во круг. И никој не ви брани да ги думкате, мавате или гушкате, тоа е поентата.
Низ облаците и боцкавите снегулки се вративме дома, на сонце. Како што рече таксистот кој нè возеше од аеродром, убаво е таму, добри им се законите, ама многу е некако облачно и сиво - да можеме да им ги имаме парите, ама нашата клима. Овој светоглед, кој на облаците гледа како на уништувачи на инаку ведриот медитерански дух, но и на некаков чуден предуслов за ред и дисциплина, ним им нанесува голема неправда. На облаците не им требаат нашите толкувања. Но нам ни требаат облаци, за да се потсетиме колку сме мали, дури и кога летаме над нив. Еве ги, пак.
Илина, Букбокс