Петерсон во 2009 се придружил на тимот на HBO за да го создаде јазикот кој го зборуваат номадските воини во првата и во втората сезона, а има работено и на други јазици во СФ филмови и серии.
Иако тој веќе има измислено 3,800 зборови, планот е да стигне до 10,000. Курсот сепак ќе се ограничи на само 500 од нив, но со оглед на тоа што е конверзациски ќе понуди и корисни идиоми, со можност за онлајн вежби.
Во интервју за Салон, Петерсон објаснува како ги создава вештачките јазици, кои се неговите омилени фиктивни светови, и зошто толку многу луѓе сакаат да научат дотраки.
Како почнувате со создавање јазик?
Со дотраки веќе имав материјал. Во книгите кои беа објавени до тој момент имаше околу 50 дотраки зборови, а половина од нив беа имиња. Првиот чекор беше нивно каталогизирање, одредување на правописот и на тоа како би биле изговарани, како тоа го замислувал Џорџ Мартин, или како тој замислувал дека би ги изговарале фановите.
Почнав од тука, и врз таа основа го анализирав системот на звуци, пополнувајќи ги сите празнини кои ќе ги забележев. Додадов еден звук, „ч", кој мислев дека припаѓа таму. Најдолгиот израз беше „принц живее во мене" - Khalakka dothrae mr'anha. Го одредив редот на зборовите во јазикот: субјектот беше прв, потоа глаголот па објектот, а придавките ги следеа именките на кои се однесуваа.
Дали добивавте повратна реакција од Џорџ Р. Р. Мартин додека работевте на овој и на другите јазици во серијата?
Немаше директни реакции, освен дека му се допаѓаат. Мислам дека подоцна тој ги употреби, на пример има книга со мапи наречена „Земјите на мразот и огнот", во која тој искористи неколку зборови од дотраки за да создаде нови имиња на места на мапите. Освен тоа, му помогнав да преведе некои од зборовите, а и самиот преведуваше и го направи тоа многу умешно. Мислам дека му се допаѓаат јазиците кои ги создадов бидејќи овозможуваат неговиот свет да биде поголем и пореалистичен.
Претпоставката е дека оние кои ќе сакаат да учат дотраки се некои вистински суперфанови на „ГоТ".
Па и не мислам така. Има една одредена група фанови кои се навистина возбудени во врска со јазикот, ги следат новите дијалози, ги запишуваат и се обидуваат да го научат јазикот. Има и фанови, особено онлајн, кои мислат дека јазикот звучи навистина кул. Сега ќе има и апликација со голем број „флешкардс", преку кои учењето на зборовите ќе биде многу лесно. Ако пак сакате да одите подлабоко, ќе има онлајн курс за тоа.
Дали има некој збор во англискиот кој би сакале да го создадете?
Има една работа која дефинитивно ни е потребна во англискиот. Мислам дека сите го знаат тоа чувство, кога ќе кренете парче пица и навистина се радувате што ќе го ставите во уста со сите тие чуда врз него, и само што не сте го направиле тоа, целото парче се распаѓа. Ааааххх! Тоа е чувство на огромно разочарување, помешано со прашањето: „Дали е ок да го кренам парчево пица од земја и да го изедам?". Ете, тој збор би сакал да го измислам.
Кои се вашите омилени фиктивни светови?
Кога бев дете ја читав „Нарнија". Студирав англиски, па поголемиот дел од времето читав работи лоцирани во вистинскиот свет. Но некој кој за мене секогаш беше во состојба да создаде фиктивна реалност која застрашува беше Франц Кафка.
Дали е тоа светот за кој би сакале да создадете јазик?
Боже! (се смее) Би било неверојатно да се прави ваков јазик, во книга или расказ за некое училиште каде те учат бирократски јазик. На пример за некој човек кој конкурира за работно место и мора да го научи за да ја добие работата, ама само што ќе почне да го усовршува му го менуваат. Е тоа би било супер.
Целото интервју тука