Ханг-Јирген Топф е основач и креатор на Rock n' Roll Laundry. Во следниов текст тој раскажува како станал „перач“ на валканите алишта на музичките ѕвезди. Буквално.
***
Моите родители имаа пералница во мојот роден град Лудвигсхафен, во југоисточна југозападна Германија. По потекло не се од таму, туку се политички бегалци од поранешна Источна Германија од каде дувнале, преку Берлинскиот ѕид, во 1952 кон западна Германија. Морале да најдат нова работа, а во соседството имало мала пералница. Мајка ми помагала таму, а по половина година сопственикот ја прашал дали би го водела бизнисот самата. Тоа било околу 1956, годината кога се родив.
Мојата „перачка“ кариера воопшто не беше професија, туку повеќе бегство. Не бев најдобриот ученик на училиште, па им помагав на родителите, само колку да имам работа. Ги полнев машините. Ги чистев подовите. Ги полнев машините со масло.
Ова го правев неколку години до тој посебен ден. Денот кога налетав на автобусот за турнеи на Тед Наџент. Имав 26 години и одев на сите можни концерти. Видов дека оди по погрешниот пат. Ја сопрев колата, излегов, чукнав на прозорецот и реков: „Да не ја барате концертната сала? Ајде, ќе ви го покажам патот“.
Кога стигнавме, му побарав на возачот бесплатни билети. Знаете, џентлменски договор - ти помагам, ми помагаш. Добив две пропусници. Тогаш немав план да перам за луѓето во автобусот. Тоа беше само благодарност кон продукцискиот менаџер кој ми ги даде пропусниците. Имаше доверба во мене, ми даде вреќа со валкани алишта. Ги исправ, се вратив два часа подоцна и му ги дадов исчистени. Ме посоветува да им го понудам тоа и на други бендови и дека пералницата треба да има име кој секој би го запамтил. „Наречи ја Рокенрол пералница“, рече.
Во Германија имавме нова сала, Ноје Дојче Веле, која собираше 4000 луѓе. Сите запираа во мојот град. Ги запознав Блек Сабат на сцена...Ајрон Мејден...Крис де Бур...Ху...Стоев зад сцената како перачки „групи“, барајќи им валкана облека, перејќи ја за бесплатни билети.
По половина година продукцискиот менаџер на Моторхед ми се јави од Јапонија и ме праша дали би бил во Лудвигсхафен следната среда, бидејќи ќе имаат многу за перење. Пристигнаа тој ден, и навистина имаше многу валкана облека. Тогаш имав Фолксваген пасат караван, и морав да го полнам два пати. Толку имаше работа што не одеше да земам само билети, па се договоривме за цена. Од тогаш, сите плаќаа.
Наскоро нашата сала веќе не беше толку популарна. На бендовите им требаа поголеми простори. Одлучив дека кога веќе тие нема да доаѓаат веќе кај мене, јас ќе одам со бендовите. Ставив тркала под моите машини за перење и сушење и патував со нив. Првиот бенд со кој бев на турнеа беа Би Џиз.
Просечниот ден изгледаше вака: стануваш рано, околу 7, појадуваш, ги поставуваш пералните и даската за пеглање. Потоа перење, перење, перење, сушење, пеглање, диплење. До кај 9, 10, 11, 12, зависи од големината на продукцијата и колку има за перење.
Во тоа време бев премногу возбуден да ги гледам концертите на бендовите за кои работев, на пример на Џо Кокер и другите. Но по десетото шоу веќе ја знаеш секоја песна и наместо тоа мислиш како да се наспиеш затоа што има многу возење до следниот град. Проблемот беше што немав многу пари за хотели. Најчесто пералните беа позади во комбето и имаше околу 40-50 сантиметри простор помеѓу нив и плафонот на колата. Ставав таму душек и вреќа за спиење и така ја минував ноќта. Тешко беше да се вртиш додека спиеш додека со рамото удираш по кровот - не беше ич смешно.
На почетокот беше лудо. Ниту една сала не беше подготвена за мобилна перална, која би функционирала во нивни рамки. Перев на паркинзи. Но по децении перење на улица, денес сите сали имаат соодветен простор за ваквата дејност.
Најтежок костим беа златните пантолани на Дејвид Хаслхоф. За една недела три пати ги смалив. Можеше на крај да ги користи како бермуди, но неговата гардероберка имаше многу искуство, купи златна ткаенина и му направи два нови пара...сите со оригиналната должина.
Кога имав среќа наоѓав пенкала, штрафови или кармин пред да ги ставам фармерките во машината. Ако ги најдев дури откако ќе ги извадев, бев навистина тажен. Најлуди предмети што сум ги наоѓал биле дрога или непознати правови. Знаеш дека нешто такво завршило во машината кога цела перална ќе замириса на кафич во Амстердам.
Имам голем број врамени сувенири. Хари Белафонте свиреше во Мајнхајм, соседен град, и јас го перев. Жена му ми даде една специјална блуза и рече да бидам многу внимателен со неа, затоа што била скапа. Кога ги донесов испраните работи, се беше совршено, дури и блузата. Па го замолив г-дин Белафонте дали би ми напишал нешто убаво на парче хартија. Тој го стори тоа и напиша: „Фала за тоа што ги извади камењата од моите пантолани“. Уште не знам што му значеше тоа, знам дека само се смеевме. Сè уште го чувам ливчето, треба и него да го врамам.
Претходно: Животот низ очите на различни професии