Џејмс Стивен Џорџ Богс, или Џ. С. Џ. Богс, како тинејџер бил исфрлен од гимназија уште во прва година. Подоцна студирал уметност но уметничката кариера всушност му почнала на необичен начин. Таа ќе му донесе светска слава и ќе му овозможи - буквално - да прави пари. Неговите реалистични цртежи на банкноти му го донеле прекарот Светец-заштитник на криптовалутите, но и чести апсења и притвори.
Богс сепак бил само шегаџија и провокатор кој го доведувал во прашање авторитетот на властите и нивната монополистичка улога во одредувањето на тоа кој вид валута може да служи како замена за стоки и услуги. Зошто не други ливчиња кои содржат портрети, уникатни нумерички ознаки и заштити од плагијаторство, на пример неговите?
Идејата му дошла во 1984 кога во кафетерија скицирал банкнота од 1 долар на салфетка, а келнерката му понудила да ја откупи. Се согласиле со неа тој да си го плати кафето од 90 центи, со што се отворило ново поглавје во животот на Богс.
Од тој ден неговата кариера почнала да се врти околу прашањето за уметноста како пари и големиот број филозофски дилеми: Дали парче хартија кое е лесно да се репродуцира воопшто има некаква вредност? Зошто на граѓаните да им биде оневозможено да си создаваат свои колективно договорени средства за размена? Неколку години по случката во кафетеријата во интервју Богс му изјавил на новинар: „Би сакал да си креирам своја валута, Бог“.
Една деценија подоцна, пионерите на криптовалутите го следеле инстинктот на Богс за создавање свои канали за размена, а некои од пионерите на биткоинот му оддале признание како нивен претходник.
На новчаниците кои ги креирал често вметнувал хумористични потписи и мотоа, како „Веруваме во забавата“ (In Fun We Trust наместо In God We Trust). Koга станале популарни почнал да плаќа за нешта со нив, па дури си барал и кусур. Никогаш не ги продавал банкнотите, само ги трошел. На позадината која била празна запишувал за што ја употребил. Истите денес се дел од познати институции и галерии, меѓу кои МоМА и Смитсонијан.
Но полицијата во неколку земји не била толку уметнички настроена. На повеќе пати му ги запленувале парите и го обвинувале за измамништво. „Тие не ја разбираат разликата помеѓу уметност и криминал“, изјавувал Богс.
Во 2017 неговото тело е пронајдено во мотел близу аеродром. Имал 62 години, а причината за смртта никогаш официјално не е потврдена.