Стории за цензурирани, демонетизирани, „модерирани“ и генерално плукани современи мислители на сајтов и во рубрикава има многу, исто како што има (и за жал изгледа сè повеќе ќе има) такви случаи. Тоа е така поради чувство на солидарност со маргинализираните и напатените во ерата на „новото нормално“, термин кој се актуелизираше во контекст на пандемијата, а всушност е многу постар и идеолошки пообременет, и вклучува нормализација на практики против слободниот говор на интелектуалци кои не се вклопуваат во „јавното-приватно партнерство“ на изопштување неистомисленици.
Еден од нив е и Брет Вајнстин. Во мај 2017 група студенти на колеџот Евергрин бараат оставка од него, затоа што дошол на работа за време на тн. „Денови на отсуство“ во кој белците биле замолени да останат дома. Тој одбива да се придржува до тоа, и - нормално, за ненормални времиња - е прогласен за расист. Откако не добива поддршка од колегите, самиот дава отказ, станувајќи еден од првите учесници во серија инциденти на западни (пред сè американски и канадски) универзитети во врска со „политичката коректност“ и „социјалната правда“.
Неговата сопруга и колешка Хедер Хеин, која во тој момент предава на истиот факултет, исто така заминува од позицијата, па упатени еден на друг, тие го започнуваат подкастот Dark Horse и се придружуваат на групата „отпадници“ на интелектуалниот „дарк веб“. Маргинализираноста и цензурата дополнително се засилуваат откако тие меѓу првите отворено зборуваат за можноста коронавирусот да е протечен од лабораторија во Вухан. Нашиот текст на оваа тема од јуни оваа година завршуваше со „Погледнете го видеото додека не го тргнале“ (од Јутјуб) и - каков „мета“ момент! - тоа во меѓувреме е тргнато.
Кога парот го најави излегувањето на својата прва заедничка книга, „Ловособирачки водич за 21 век: еволуција и предизвиците на модерниот живот“, тоа предизвика очекувано внимание, и покрај прилично генералниот наслов кој не откриваше многу за нејзината содржина. Нивните противници ги копаа рововите и го чистеа оружјето за одбрана од тешка артилерија, а пак истомислениците триеа раце од помислата дека од нивното перо ќе излезе сета лутина кон поредокот кој ги маргинализира и замолчува.
Обете страни останаа разочарани. Целната група на оваа книга е нејасна, бидејќи е толку базична, што основните тези се познати дури и за некој што читал макар и лошо преведени еволутивно-биолошки статии во рубриките „живот“ и „занимливости“. Благоканклоно нарекуван „поп-научен манифест“, таа претставува не многу систематично нижење на одамна познати теории за „саванскиот ум“ на современиот човек, за хипер-новитетноста на иновациите и темпото на живот кои се судираат со човечките фабрички подесувања, изворите на навлеченост на брза храна, важноста да се оди бос и нереверзибилноста на хормоналните и пластичните зафати. Некаде помеѓу се раскажани епизоди од семејниот живот, како илустрации за препорачаниот начин на воспитување на децата, без „хелихоптерски“ надзор над нив.
Секое поглавје завршува со список совети за самопомош. Пример - „Дозволете им на небесните тела да ви одредат кога станувате и легнувате“ (попознато како „Легни си со кокошките“), или „Приближете се на екваторот во некој момент во текот на зимата“ (еве, само што не сме тргнале за Сао Томе и Принципе). Дека книгата е можеби навистина за привлекување „неофити“ - нови претплатници на подкастот, потрошувачи на рекламираните производи на него или можеби навистина нови идеолошки поддржувачи - станува јасно кога ќе се отвори речникот на поими на нејзиниот крај, каде се објаснети базични термини како „адаптација“ или „хипотеза“.
На задната корица своја поддршка за изданието дале, очекувано, луѓе како Џордан Питерсон и Роберт Саполски. Сепак, и покрај сето тоа меѓусебно тапкање по рамо, разбирливо како солидарност помеѓу луѓе со слична судбина, останува впечатокот дека во знак на почит на нивните поддржувачи, авторите на оваа книга, но и не само тие, нема да можат долго да возат на својот револуционерен имиџ. Ќе треба да најдат сила да продолжат да нудат нешто што е навистина такво, без да западнат во стапицата која всушност самите си ја поставуваат - нивните инаку релевантни теории да почнат да оддекнуваат тапо и безживотно, како удари на луѓе кои се умориле дури и од сопствената контроверзност.
Илина, Букбокс