Наместо да се обидуваме активно да му се спротивставиме на легачењето, во момент кога единствената „активност" за која сме способни е токму тоа, можеби е време да се потсетиме на неговите доблести и теориски (и практично) да го поддржиме. Затоа што безделништвото не е самонаметната состојба на телото, туку може да биде и свесно одбрана состојба на духот.
Иако концептуално е нејасен, терминот „безделништво" (idleness) сигурно не е исто што и инертноста, обичната мрза или пасивноста. Сите тие се неподвижни, бесцелни, без концепт и потенцијал. Во одличниот есеј „Мајка на можностите" од Свен Биркетс, безделништвото се дефинира како наш „прв дом", природна состојба која се нарушува во моментот кога ќе се направи план, кога волјата ќе се насочи кон нешто конкретно. "Кога ќе се разбудиме наутро за миг сме во состојба на целосно денгубење. Потоа тргнуваме кон некоја цел, но и во текот на денот многумина од нас се навраќаат на тоа прво, невознемирено јаство: кога повремено сонуваме на јаве, кога за момент ги тргаме на страна обврските и го оставаме умот да излезе од шините, да се втопи во фантазии или спомени", вели Биркетс, анализирајќи го ставот кон безделништвото на познати писатели и филозофи (Емерсон, Торо, Шели, Бенџамин, Пруст), кои на оваа состојба ѝ изградиле идеолошка платформа и ја издигнале на ниво на когнитивен став, на животен етос.
Идентично толкување на феноменот на денгубењето има и Хоџкинсон, основачот на списанието The Idler (Денгубникот), кое води кампања против капиталистичката работна етика, промовирајќи индивидуална слобода, автономија и одговорност. Списанието излегува од 1993, еднаш годишно, со прилози од значајни современи теоретичари (и практичари) на безделништвото. Оваа година е отворена и првата Безделничка академија за филозофија, култивирање и забава, сместена во книжарница во Западен Лондон. Самиот Хоџкинсон има напишано три книги на темата, меѓу кои и „Родителот-денгуба", алтернативен водич за родители, чија главна идеја е децата да бидат оставени раат. Неговата „Книга на денгубнички задоволства" (The Book of Idle Pleasures, 2008), пак, е наменета за оние уморните и преработените. Таа е антидот на нашата култура на 24/7, список на безвременски уживања во 100 бесплатни, мали задоволства, како палење оган, правење „жабици" со камчиња во вода, џарење низ прозорецот, дремење. Еве избор од некои од нив содржани во книгата. Сигурно нешто од ова и правите, ама не сте ни свесни колку е тоа важно за вашиот душевен мир и благосостојба.
Извадок од „Книга на денгубнички задоволства":
Балкон
Добриот балкон е суштинска состојка на еден безделнички ден. Тој може да биде на осумнаесетиот спрат, каде можете да си ги полевате љубичиците, да седите на столица на расклопување со лименка Скопско в рака, и да ги набљудувате живите, испреплетени градски приказни. Балконот може да биде и на третиот спрат од вила во Португалија, со море кое ве чека да се одлучите, додека се тетеравите пред скарата, држејќи шише црвено вино во раката. Може да биде на четвртиот спрат од вашата канцеларија, место за скришен џоинт, тајни сексуални врски и изразување индиферентност кон проклетата канцелариска работа. Каде и да го најдете вашиот балкон, уживајте во задоволството кое ви го пружа – со едната нога во светот, со другата вон него.
Џарење
Вие сте внатре, светот е надвор. Гледањето преку прозоред на мислителите и на сонувачите им нуди неспоредливи можности за интроспекција, затоа што сцените низ прозорецот секогаш го одразуваат нашето расположение. Ако сме добро расположени и оптимистични птиците ќе пеат а децата ќе си играат. Ако се чувствуваме бедно и црно, тогаш ќе врне а дрвјата ќе бидат голи. Оние кои се џарат низ прозорци сепак почесто се во втората ситуација. Има нешто во врска со гледањето низ прозорец кое одговара на меланхоличните темпераменти. Веројатно го поврзуваме со неделните утра во детството, кога тато одел по риба, а ние сме се тепале со браќата и сестрите. Само преку континуирана примена на прозорското џарење ќе успееме да го трансформираме од тажно во позитивно доживување.
Само гледање
Порано се нарекуваше „шетање". Но тоа подразбираше талкање без обврска нешто да се купи. „Само гледам" е различно. Влегувате во продавница и ги поттикнувате очекувањата на продавачката во бутикот Армани. Вие сте негов билет за продажба. Добро упатено „само гледам" ја менува рамнотежата на моќ. Земете неколку нешта и повторно вратете ги. Ќириите за продавниците се толку високи што секоја минута во која вие „само гледате" истовремено и крадете – крадете внимание, простор и вредно „бренд време". Сите други се потрошувачи. Вие „само гледате".
Пушење
Голем број денгубици сакаат да пушат. Тоа им овозможува нешто да прават додека не прават ништо. „Пушачот, со секоја цигара, симултано го внесува и го оправдува безделништво во неговиот живот". Оваа древна помош за рекласирање и мислење постојано е бомбардирана од љубоморните, здодевни анти-безделнички припадници на толпата. Зошто овие зафатеници не не' оставаат раат? Сите денгуби – без оглед дали се пушачи или не – треба да им пружат отпор на претставниците на антипушачкото лоби, бидејќи тие се опресори на уживањето и контемплацијата.
Одберете од понудените опции на безделништво, и известувајте за постигнатото!
Музичка илустрација: Easy Like Sunday Morning (Faith No More)
Илина, Букбокс