Да беше Џони жив на денешен ден ќе наполнеше 79. По примерот на некои негови колеги, на тие години можеби уште ќе одржуваше концерти, па токму со оваа антологиска најава ќе ја започнеше свирката во Универзална или, согласно неговите легендарни настапи по казнено-поправни институции, во Идризово или Шутка. Јас ќе бев во првите редови и ќе паѓав во бесознание по дедото со гитара. Кога ќе дојдеше на ред неговата обработка на Mercy Seat веќе ќе требаше на раце да ме изнесуваат.
Речиси и да нема друг музичар за кого би можело да се каже дека смртта „му стои". Тежок меланхолик на сцената и во животот, со речиси камено лице, чиј израз како да не се променил од порочната младост до староста, Кеш е „мрачен принц" на американската кантри/госпел/блуз/рок музика. Тоа што неговото физичко отсуство е некако несфатливо можеби се должи и на големиот број постхумно објавени изданија кои од него, особено кај помладите генерации, направија поголема ѕвезда отколку што беше во текот на животот. „Присли никогаш не направил кавер на Дипеш мод", вели еден од тие млади обожаватели, аргументирајќи зошто Џони треба да е пред Елвис во историјата на рок музиката. Да беа и двајцата почетници, додава, за вториов сигурно најпрвин ќе чуевме на онакви емисии за млади таленти од типот на Икс фактор или Идол. Плус каубојки се многу побољи од плави антилопски чевли.
„Џони Кеш: гледам мрак" - графичка новела од Рајнхард Клајст, ја раскажува животната приказна на Кеш, низ црно-бели, психоделични цртежи, и минимум текст. Трет од седумте браќа и сестри, Џони е растен во Арканзас, каде неговото семејство напорно работело на памучните полиња. Родителите, не можеле да се договорат како ќе се вика нивниот син, па наместо име му ставиле - иницијали! Џ. Р. (Џи Ар), пријавувајќи се во американската армија морал да наведе некакво „нормално" име, па така станал Џони Р. Кеш.
Првата официјална снимка ја прави за Сан рекордс, по секојдневно инсистирање кај Сем Филипс (основач на оваа позната продуцентска куќа од Мемфис, Тенеси) да му овозможи аудиција. Првата била неуспешна, бидејќи Кеш и неговите пријатели од Тенеси ту свиреле стари госпел песни, за кои Филипс сметал дека се некомерцијални. „Оди дома, стори грев, и врати се со песни кои можам да ги продадам", наводно изјавил продуцентот, на некој начин пророкувајќи му ја иднината на музичарот, кој од тогаш нема да престане да „греши" во текот на целата негова кариера.
Иако од мал бил воспитан во христијански дух, има направено снимка на која го чита целиот на Новиот завет (верзијата на King James), па дури и напишал верски роман, со интересен наслов за некој кој постојано носел црно - Луѓе во бело, тој голем дел од животот всушност поминал непочитувајќи ги десетте заповеди. Во 1968, како што самиот раскажува, доживеал просветлување длабоко во пештерата Никаџек, кога се обидел да се убие. Откако паднал и се онесвестил, нешто го разбудило, и тој го почувствувал присуството на Бога, кој му го покажал излезот од пештерата.
Никогаш целосно не престанал да пие и да се дрогира, но по овој настан тој малку се „прибрал" – на концерт во Лондон истата година ја запросил Џун Картер, неговата долгогодишна пријателка и муза, и се посветил на нови проекти, како на пример легендарното Шоу на Џони Кеш, кое станува отскочна штица за тогаш млади таленти како Крис Кристоферсон или Боб Дилан. Во тоа време веќе e надалеку познат како „Човекот во црно" - иако отпрвин тој и неговиот бенд носеле црна облека само затоа што сите имале таква по шифоњерите, па не морале да купуваат нова, подоцна таа станала симбол на солидарноста со сиромашните, гладните, понижените и навредените. До денес зимската униформа на морнарицата на САД се нарекува „џоникешова", бидејќи кошулата, краватата и пантолоните ѝ се ѕифт црни. Лани на овој ден се одржа Wear Black Day, на кој обожаватели на Кеш од целиот свет во негова чест облекоа црно.
Оваа година веќе се случија или ќе се случат неколку трибјут настани – на фестивалот Санденс беа промовирани резултатите од досегашниот тек на Johnny Cash Project (интерактивна веб страница преку која можете да учествувате во правење на спот на музика на Кеш), излегува нова биографија „Во потрага по Џони Кеш" од поранешниот музички критичар на Тајмс, Роберт Хилбрн, како и двојно ЦД со ретки снимки насловено From Memphis To Hollywood: Bootleg Vol. 2., кое вклучува и акустична демо снимка на I Walk the Line. Сето ова само ќе го зголеми купот книги, музики и други дела чиј автор е самиот тој, или кои се инспирирани од него. Tука спаѓа и спомнатата графичка новела за Кеш, негова згусната стриповска биографија. Прв пат ја видов пред неколку месеци објавена на грчки во една солунска книжарница, појавена неверојатно бргу по нејзиниот превод на англиски, кој е од 2009. Иако во содржинска смисла е само прераскажување на она што е општо место за неговиот лик и дело, да се чита за Кеш во црно-бели цртежи е како да се гледа црно-бел биографски филм за него.
Искрено, не мислев дека овој текст ќе испадне некаков „сув" омаж за мојот херој. Но како да ви го доловам ефектот кој го има врз мене тој специфичен баритон-бас, кој прави Џони да звучи како „сечиј татко", и тие стихови кои се толку едноставни, речиси простодушни, што не можете а да не им верувате? Постхумно објавениот American VI – Ain't No Grave ми се врти на рипит додека ги шпартам сивите скопски улици, и парадоксално, колку и да е тажен, ме теши.
If you see me passing by
And you sit and you wonder why
And if you wish that you were a rambling too.
Nail your shoes to the kitchen floor
Lace them up and bat the door
Thank your stars for the roof that over you.
Фала ти тебе, Џони.