Летово го посветивме на исчитување на дела на повозрасни македонски писатели со потекло од Егејска Македонија, кои во своите дела внесуваат лични спомени, историски податоци и дијалектна лексика од родниот крај. Појдовната точка ни беа самите биографии на авторите, под претпоставка (која се покажа како точна) дека самиот факт на нивното раѓање или потекло како прва генерација исселени од кукушко, постолско, кожанско, гребенско би имал доминатно влијание врз содржината. Вториот извор беше библиографијата наведена во текст објавен во Гласникот на Институтот за национална историја, посветен на 70-годишнината од завршувањето на граѓанската војна во Грција (Скопје, 2020), под наслов „Дијалектната лексика во делата на писателите кои потекнуваат од Егејска Македонија“ од авторките Лилјана Макаријоска и Мери Цубалевска од Институтот за македонски јазик, „Крсте Мисирков“.
Помеѓу десетината до сега прочитани дела, во книжевна смисла, има секако и помалку и повеќе квалитетни. Но две нешта оставаат голем впечаток: силната емоционална набиеност (разбирлив резултат на траумата на избеглиштвото) и, во некои дела, одлично поставениот историски мизансцен, кој поттикнува на понатамошни читања и истражувања.
Таков е романот на Иван Чаповски, „Змија“, првично излезен во 1989, а потоа препечатен во 2015. Роден во с. Пожарско, воденско во 1936, тој не се концентрира исклучиво на микро-историјата на Егејска Македонија, туку истата ја става во многу поширок историски контекст на Европа во времето по Берлинскиот конгрес до почетокот на Првата балканска војна.
Наративната оска ја обезбедува изградбата на железничката линија Солун-Битола (Монастир), со што Отоманската империја сака (и има обврска, согласно завршниот документ од Берлин) да ја поврзе Азија со Европа. Главен инженер на терен е Алфред Каула, австриски банкар со одлични врски со германската Дојчебанк, која во денешни термини го има добиено „тендерот“ за обезбедување градежни материјали. Навидум нелогична, оваа одлука на турскиот султан, да ги вмеша германските инвестициски банки во потфатот, наводно се должел на неговата недоверба кон Англичаните и Французите, и неговата преференца за Германија која тогаш изгледала дека нема политички амбиции на Блискиот Исток.
Алфред се соочува со повеќе од еден кочничар на изградбата на железницата: локалците (од сите бои, вери и етнички позадини) кои ги крадат материјалите и на моменти го бојкотираат минувањето на линијата низ нивните имоти; локалните османлиски власти, кои се генерално анти-европски настроени, корумпирани и ја користат секоја прилика да го „цинкарат“ Алфред кај нивните надредени ако тој не игра по нивно; и неговиот работодавец - Chemis de fer Orientaux (Ориентална железница), реална отоманска компанија одговорна за изградба на линијата од Истанбул до Виена. Историски, познато е дека нејзините балкански операции се соочувале со голем број проблеми, при што градежните работи често почнувале и биле прекинувани, до Првата балканска војна кога биле ограничени исклучиво на источна Тракија.
Во текот на операцијата Алфред на моменти е на раб на нервен слом, а за неговата емоционална состојба и практични проблеми дознаваме од очајните писма кои тој им ги пишува на своите рабододавачи. Но неговата амбиција е преголема за да се откаже - тој сака да биде запомнет како поголем од големиот и реален барон Морис де Хирш, кој ја изградил линијата Солун-Скопје-Косовска Митровица неколку децении претходно.
Втора наративна линија ги следи оние кои реално, со свои раце и пот ја градат железницата. Меѓу нив има такви кои тоа го прават за (мали) пари, но и затвореници на кои им е ветено скратување на казната доколку учествуваат (а не дека имаат и некој избор). Ги запознаваме оние од Егејска Македонија, кои се нашле тука од различни причини. Стојан Чакалинов на пример го има убиено локалниот ага како одмазда за смртта на својот татко. Димитар Кошувалијата е исфрлен од бугарската егзархиска гимназија во Солун откако неколкупати го фатиле како го прекршува правилото - дека ниту еден ученик не смее да го напушти интернатот освен за на доктор или за групни прошетки за да одбегне „српски или грчки влијанија“. Но Димитар ова го прави поради својата љубов кон Уранија, која има обратна судбина: таа учи за да биде грчка учителка, но поради љубовта кон Димитар (пред тој да биде исфрлен) и без дозвола од родителите, се префрлува од грчката во бугарската гимназија. Кога потоа се обидува да најде работа, надлежните и велат:
„Кирија Уранија, та ти заборави кој прв ти понуди леб во Солун, и рекоа минатиот месец во Црковноучилишната општина. Им плукна во лице на професорите кои ти дадоа леб, знаење и рамноправност со другите грчки гимназијалци и отиде друго писмо да учиш. Кирија Уранија, ти не си молив да држиш, со тоа писмо што го учеше кај Бугарите можеш сега само мотика да држиш“.
И другите ликови ги отсликуваат тензиите и конфликтите не само на македонската заедница со другите, туку и помеѓу себе, односно помеѓу припадниците на различни пропаганди. Сите тие се помеѓу 1230-те градители на железницата, која како змија кривулесто лази по територијата на напатениот Балкан, но истовремено со ширењето на нечии геостратешки и финансиски интереси ги труе односите помеѓу локалците. Иако на моменти запаѓа во мелодрама, романот би можел да биде одлична основа за серија или филм - веќе го гледаме возот како тргнува од солунската железничка и профилот на Алфред Каула кој го испраќа со поглед. Од тука натаму во ретроспектива се нижат настаните и змијата полека но сигурно го пробива патот, с'скајќи и предупредувајќи, дека загризот на историјата знае да труе со децении и векови подоцна.
Книгите како „Змија“ ќе останат да сведочат, макар и низ медиумот на уметноста, и тогаш кога официјалните документи ќе бидат цензурирани или фалсификувани. Но, да не даваме идеи...
Илина, Букбокс